
Телото на жената која беше осомничена за обидот за убиство на украинскиот бизнисмен Вадим Јермолаев во Монако е пронајдено во близина на Киев, објави „Украинска правда“, повикувајќи се на извори од органите за спроведување на законот.
„На 6 јули, телото на жената осомничена за обидот за убиство на санкционираниот бизнисмен Вадим Јермолаев е пронајдено во близина на Киев“, објавува „Украинска правда“.
Според информациите добиени од изворот, телото на застреланата жена е пронајдено синоќа околу 23 часот.
Наведено е дека таа престојувала надвор од Украина од 22 март 2025 година до 1 јули 2026 година.
Интерпол издаде црвена потерница по Анастасија Березовски, 39-годишна државјанка на Украина, која е назначена за главен осомничен за експлозијата во Монако во која беше ранет украинскиот бизнисмен Вадим Јермолаев вечерта на 29 јуни.
Според властите во Монако, осомничената наводно се преправила во маж за време на нападот, објави Си-ен-ен.
Во потерницата на Интерпол се наведува дека нејзиното последно познато живеалиште било во Германија и дека има препознатлива тетоважа на десната рака, од рамо до лакт, за која се верува дека прикажува змија.
Истражителите велат дека по експлозијата, таа избегала од Монако во Франција, а потоа продолжила по патот кон Италија со возило со германски регистарски таблички, кое, според обвинителството, било изнајмено за потребите на операцијата.
Обвинителството објави дека сложеноста на употребената експлозивна направа укажува на можноста дека повеќе лица учествувале во нападот.
Двајца мажи беа привремено уапсени за време на истрагата во Монако, но подоцна беа ослободени поради недостаток на докази.
Како што претходно беше објавено, властите во Монако се сомневаат дека Березовски е видена во Германија, изјави судски извор.
Според истражни извори, осомничената била снимена на безбедносни камери како носи темна облека и шапка.
Првично, истражителите мислеле дека станува збор за маж.
Нападот се случил пред станбена зграда во Монако, а жртвите биле повредени на приземјето од зградата.
Германската полиција претресла стан во сојузната држава Хесен како дел од истрагата против 39-годишната украинска државјанка, против која е издадена меѓународна потерница во врска со експлозијата во Монако, објави „Шпигел“.
Според соопштението на германските и француските истражни органи, претресот бил спроведен во округот Мајн-Таунус, каде што, покрај станот, биле претресени и запленети предмети од возилото што го користела осомничената, а доказите биле доставени до властите во Монако.
Според информациите на Интерпол, жената влегла во Германија во 2022 година како воен бегалец, а подоцна престојувала во сојузната држава Хесен.
Германските власти наведуваат дека осомничената претходно и била непозната на полицијата.
Истражителите веруваат дека таа не дејствувала сама во инцидентот, а двајца мажи претходно беа уапсени како дел од истрагата, подоцна се ослободени.
Мотивот за нападот засега е непознат, а германскиот весник наведува, повикувајќи се на безбедносни извори, дека поврзаноста со организираниот криминал и приватните причини во моментов се разгледуваат како можни мотиви, додека нема докази за вмешаност на разузнавачката агенција.
Во неодамнешните најави од Монако, беше објавено дека верзијата за терористички напад се исклучува. Наместо тоа, Канцеларијата на главниот обвинител на Кнежевството започна истрага за обид за убиство и поставување експлозивна направа на јавно место.(МИА)

Македонски



