Skip to main content

Почнува со работа центар за историски студии посветен на делото на професорката Наде Проева

Корица

По повод одбележувањето две години од смртта на познатата историчарка и професорка по археологија, проф. д-р Наде Проева, Центарот за историски студии „Македоника – Наде Проева“ ја објави нејзината докторска дисертација.

Книгата, која ќе биде достапна за продажба преку издавачката куќа „Матица Македонска“, е прво издание во серијата посветена на научното творештво на професорката Проева. Од Центарот информираат дека публикациите ќе бидат достапни во печатена и дигитална форма, со цел нејзиниот научен придонес да им биде достапен на пошироката јавност и на идните генерации истражувачи.

Во Центар за историски студии „Наде Проева“, ја започнуваме издавачката дејност со овој значаен научен труд. Книгата е прва во серијата изданија посветени на научното творештво на проф. д-р Наде Проева, кои ќе бидат објавувани во печатена и во дигитална форма. Со овој издавачки потфат настојуваме нејзиниот научен придонес да го доближиме до поширок круг читатели и да го направиме достапен за идните генерации истражувачи. Наша цел е да го унапредиме изучувањето на историјата, зачувување на научните сознанија и да ги инспирираме новите генерации да му пристапуваат на минатото со љубопитност, трудољубиво и самостојно – информираат од Центарот, кој наскоро ќе објави и англиско издание од дисертацијата, кое ќе биде споделено на дигитални платформи како Kindle и Apple Books.

Професорката Наде Проева е родена во Ресен на 9 септември 1949 година. Студира во Белград, каде дипломира на Катедрата за археологија во 1973 година и магистрира во 1978 година. Докторската титула ја стекнува во 1992 година на Катедрата за историја на стариот век, со одбрана на дисертацијата со наслов „Влијанието на доселениците“, за развојот на културните случувања во римската провинција Македонија. Своето образование го продолжува во Сорбона, со проучувања од областа на археологијата, епиграфиката, нумизматиката и грчко-римската митологија. Во текот на кариерата на Институтот за историја при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (1984 – 2014 година) ги помина сите наставни звања од предавач до редовен професор. Професорката Проева влијаеше на образованието на повеќе генерации успешни научни работници и со своето дејствување значително придонесе за угледот на историската наука.

Од Центарот, чија работа е финансирана од наследството кое професорката Проева го донираше на Македонија, информираат дека од следната година почнуваат со работа со историчари и научници од Македонија и странство на проекти поврзани со македонската историја.

Центарот за историски студии „Македоника – Наде Проева“ е формиран да го поддржи создавањето на нови генерации историчари кои ќе го продолжат делото на професорката.