
Православните верници утре (7 ноември) ја одбележуваат Митровденската, односно есенската Задушница – ден посветен на споменот на починатите блиски. На овој ден семејствата ги посетуваат гробовите на своите роднини и пријатели, палат свеќи и се молат за покој на нивните души.
Меѓу традиционалните обичаи е носењето варена пченица, леб и црвено вино. Пченицата има посебна симболика во христијанството – зрното што се сее и умира за повторно да израсне го симболизира воскресението и вечниот живот. Виното се користи при поменот, а свеќата ја симболизира светлината.
Верниците вообичаено одат и во црква, каде се служи помен за починатите, а свештениците читаат молитви за упокојување на нивните души. Потоа се посетуваат гробовите, кои се чистат и се уредуваат, се палат свеќи и се принесува жито.
Во некои краишта постои и обичај да се раздава храна во спомен на починатите, со зборовите „Бог да прости“. Сепак, важно е да се знае дека раздавањето храна е народна традиција, а не задолжителен црковен обред.
Оние кои не се во можност да ги посетат гробовите на своите блиски можат да запалат свеќа и да се помолат во црква. Суштината на Задушница е молитвата, сеќавањето и почитта кон оние кои повеќе не се меѓу нас.

Македонски




