Skip to main content

ОЈО Скопје бара мерки на претпазливост за три лица за насилство врз дете во Маџари

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе предлог до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје за определување мерки на претпазливост за три лица осомничени дека во парк во Маџари извршиле насилство врз дете родено во 2011 година.

Како што информираат од Јавното обвинителство, според првичните сознанија, осомничените на 22 јуни учествувале во насилничките дејствија кон малолетникот, го удирале со тупаници и клоци и му нанеле расекотини со нож по телото.

– Предложените мерки на претпазливост вклучуваат забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска повремено да се јавуваат кај определено службено лице или кај надлежен државен орган, како и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница – се наведува во соопштението.

Дополнително, за осомничените се предложени и мерки за забрана за посетување на местото каде што се случил кривично-правниот настан, како и забрана за приближување или воспоставување какви било контакти со оштетеното дете и со неговите родители.

Од Обвинителството додаваат дека во меѓувреме продолжуваат да се вршат вештачења на пронајдените траги и се преземаат други дејствија во насока на прибирање докази за целосно расчистување на случајот.

Поврзани вести