
Јованка Кепеска (1940 година, Прилеп) е универзитетска професорка и социолог која со години се занимава со прашања поврзани со идентитетот, јазикот и државата. Таа е ќерка на човекот чие име тешко може да се одвои од нејзиното. Граматиката на Круме Кепески се смета за едно од темелните дела во кодификацијата на современиот македонски литературен јазик. А проф. д-р Кепеска со години работи на средување на архивата на Круме Кепески и подготовка на неговите необјавени текстови за печат. Па така, учествува во посмртното објавување на неговите книги: „Прилепскиот говор“ (1993); „Островот бил парче земја“ (1994); „Книга за Круме Кепески“ (1999); „Од нашиот речник“ (2007); „Статии и анализи за македонскиот јазик“ (2014).
Покрај работата на архивата на татко и, таа има и завидна сопствена научна кариера. Зад себе има над триста научни трудови, статии и есеи. Учествувала на бројни меѓународни конференции и собири, и низ годините изградила свој академски глас во социологијата и политичкиот живот.
Нејзиниот академски ангажман не останува само во универзитетските кругови. Кепеска редовно пишува колумни, дава интервјуа, се огласува кога темата го заслужува тоа. И најчесто, пишува за националниот идентитет, јазичната политика и односите на нашата држава со соседните држави.
Со книгата „Македонски идентитетски прашања“ (нејзина осма по ред авторска покрај „Современиот научно-технолошки развој – филозофски и социолошки аспекти“, 1997; „Теми од социологијата на спортот“, 2000; „Зошто и како во спорот за нашето име“, 2010; „Тоталитарната свест и ние“, 2011; „Мигот наш денешен“, 2013; „Необјавени страници за македонскиот јазик на Круме Кепески“, 2023), објавена од издавачката куќа „Македоника литера“, Кепеска ги обединува ставовите и анализите што со години ги развива во своите трудови и јавни настапи. Книгата се надоврзува на темите со кои таа долго време се занимава: идентитетот, јазикот и местото на Македонија во современите политички и културни процеси.
Апсурдите на политиката на Бугарија, всушност, се јавуваат со нивниот историскиот пристап и пројавените претензии кон македонскиот народ.
Бугарија нашиот јазик го определува само како лингвистичка форма која ја зборува населението. Со тоа, не само што јазикот не е именуван како македонски, туку нашиот јазик се определува дека е некој издвоен или „нормиран“ облик на говор. За да се постигне целосна јазична, културна, историска демакедонизација, на припомош се претпоставува и Преспанскиот договор со кој се губат македонските обележја на државата и на политичките институции и дел од културниот идентитет, одземајќи им го правото на Македонците на македонска држава и нација.
Со бугарските услови за нашиот влез во ЕУ, имено, целосно се негираат македонскиот народ, македонскиот јазик и македонската историја. Консеквентно, се негира и македонското малцинство во Бугарија, инсистирајќи и Албанија да признае бугарско малцинство кај себеси. И покрај научната и правната теорија кои укажуваат дека националните малцинства се делови од народот поврзани со матицата, Бугарија ја премостува територијата на Македонија, поврзувајќи го македонското (за Бугарија бугарско) малцинство во Албанија, со Бугарија. Нешто, што со индигнација треба да укаже, дека може да индицира и евентуални потези за засновување на права врз „неидентифицираната“, сега, македонска територија, вели Кепеска во интервју за МИА
Како што објаснува во разговорот Кепеска, со ветото за прием во ЕУ од страна на Бугарија поставено е Македонија да се натера на откажување на идентитетот на македонскиот народ, кој „бил бугарски до 1944 год“, и од посебноста на македонскиот јазик, претставувајќи го само како уставен. Македонија да се услови да прифати Бугарите да се внесат во Уставот на Македонија како конститутивен народ и да се институционализира негова социјална позиција со цел преку образованието и културата, кај македонскиот народ, постапно, да се инфилтрира бугарското чувство.
Недоволното познавање на социјалната теорија за создавањето на македонскиот народ и неговата современа потреба од политички идентитет преку нација, држава на етничка територија и нивна идентификација со македонското име, како следствен историски процес, ги создаде нелогичностите во нашите политички постапки при определувањето на односите со Грција и со Бугарија.
Во социјална теорија постои елаборација за настанувањето на македонскиот народ во раниот феудализам. Со идентификацијата на јазикот со македонското население со создавањето на азбуката (глаголицата, покасно и кирилицата) што претставува и прва кодификација на јазикот, покажана преку литерарната еманација во делата на првите просветители, св. Кирил и св. Методиј, св. Климент и св. Наум се одвиваат историските процеси на претворањето на „темното во светло“. Што, покасно, се одвиваат и кај западните народи, во ренесансата, а се претпоставка за создавањето на народите.
Сепак, претензијата на Бугарија е да се претстави кирилицата како бугарска азбука што ја создава св. Кирил и одбележување на денот на првите просветители св. Кирил и Методиј за бугарски државен празник.
Тоа што треба да се разлучи е ноторниот факт дека осознаеноста на народот како свест за себе настанува со нацијата преку науката и преку сите облици на творештво (културата). Кога настанува и можноста за конечна еманципација на посебен народ. Додека во моментите за нелинеарноста на историските настани треба да ги бараме сцилите и харибдите пред кои стои развојот на македонскиот народ во различните периоди на своето постоење, какви што се средниот век, векот на преродбата и современата државничка историја. Како што нема место и за заедничка историја на македонскиот и на бугарскиот народ од времето на феудализмот, туку за споделена историја во некои периоди. А уште помалку, може да има место за некаква нова нација. Затоа што македонската нација не настанува од ништо или од некаков нов почеток во 21 век, туку таа се остварува во реален историски процес. При што процесот на постигнувањето на националната свест неминовно се остварува во истоветниот историски период како и кај соседните народи, во 19 век. А на крајот, да заклучиме: За волку значајни социјални прашања е потребно долго разговарање и во неограничен рок. И со повеќедисциплинарен научен придонес, а не преку политички обврзани комисии, вели Кепеска во интервју за државната агенција МИА.
извор: МИА

Македонски



