Skip to main content
Добитничката на „Златниот венец“ на 65. издание на Струшките вечери на поезијата

Анеке Брасинга: Суштината на поезијата е во живиот однос кон јазикот и во играта со зборовите што машините не можат да го заменат

Поезијата е еден вид храна за душата, релевантно нешто во комуникацијата на она ниво на кое што нема условеност. Суштината на поезијата е во живиот однос кон јазикот и во играта со зборовите што машините не можат да го заменат, истакна на денешната прес-конференција во Струга добитничката на „Златниот венец“ на 65-тото издание на Струшките вечери на поезијата, холандската поетеса Анеке Брасинга.

Изрази задоволство за укажаното внимание да се вброи во плејадата на големи светски поетски имиња кои го понеле „Златниот венец“.

Јас сум првиот холандски поет што ја добива оваа оваа награда и тоа ми претставува голема чест. Со тоа се оддава почит на целата холандска поезија – рече Брасинга. 

Таа истакна дека холандскиот јазик се зборува на една многу ограничена област. 

Многу поети од други култури се пренесени на холандски јазик: Данте, Шекспир, Чехов… Како мал јазик, ние секогаш се храневме од она што се создаваше на другите јазици и тоа е една од двете причини зошто бев преведувач, исто така, во текот на мојот животен век. Таква една размена дава одредена космополитска слобода, како налик на Еразмус и Спиноза и многу други – додаде Брасинга.

Според неа, поголемите јазици се често поизолирани, бидејќи тие се држат до себе, својот регион и до својата заедница повеќе отколку малите јазици.

Кога еден мал јазик ќе се збогати со преводи од поголемите јазични заедници се збогатува самиот јазик, се менува со својата сопствена флора во својата мала димензија на големите јазици.  За мене како поет и како преведувач претставуваше како тие да ме одгледале во една пчелна кошница, постојано во работа, постојано со зуењето постојано на мојот јазик со мислите на сите други поети на другите јазици – истакна Брасинга.

Поетскиве фестивали, како Струшките вечери на поезијата, за годинашната лауреатка, имаат свој одек дури и многу подоцна откако ќе престанат самите настани. 

Секој израз, секој доказ, показ на нашата свест како човечки суштества на универзалниот јазик е нужен за опстанокот на цивилизацијата. И многу сум благодарна што учествувам на овој меѓународен поетски фестивал во Струга. Покрај тоа, дел од мојата поезија се преведува на вашиот јазик и ќе биде објавено овде во Македонија. Тоа ме исполнува со голема радост и со голема благодарност, затоа што претставува еден вид на природен развој на еден поетски регион во друг, на показ на други слободни умови во рамките и покрај сите догматски борби и такви нешта – истакна Брасинга.

Директорот на НУМ Струшки вечери на поезијата Никола Кукунеш истакна дека овогодинашното издание е со малку поинаков формат, со еден ден плус и повеќе настани во споредба со минатите години.

На тој начин ја враќаме до некаде славата и големината на Струшките вечери какви што биле некогаш. И желба е таа тенденција да продолжи во иднина. Во поглед на издавачката дејност оваа година ќе биде исто така запомнета по еден извонреден број на отпечатени книги, станува збор за 14, дел од нив се оние кои што одат во едицијата „Плејади“, дел се како монографско издание на лауреатот, дел се како монографии или антологии. Тоа значи дека уште еднаш покажуваме дека имаме капацитет, дека имаме желба, мотив и знаење како да ги изнесеме оние вредности кои што ни доаѓаат, меѓутоа и остануваат како отпечаток од минатите изданија на Струшките вечери – рече Кукунеш.

Уметничкиот директор на Фестивалот, Мите Стефоски изрази задоволство за присуството на, според него, еден врвен творец и предизвикот да се преведе еден од најплодните и најзначајните преведувачи од англиски и германски на холандски, да биде преведен на еден исто така мал јазик по број на говорители, но со исклучителен усет за поетското творештво. 

Ни претставува особена чест што токму нејзиното творештво овој пат е чествувано за време на фестивалот и што холандската литература во целост преку ова признание е наградена и е ставена во фокус. Особено ми е мило што одлуката на Советот за доделување на Златниот венец беше едногласна и навистина сите со воодушевување ја донесовме таа одлука, очекувајќи дека конечно ќе се запише творец кој твори на холандски јазик во листата на тие претходни 64 добитници на „Златен венец“ – додаде Стефоски.

Традиционално добитничката на „Златен венец“ денеска засади и дрвце во Паркот на поезијата. 

Официјалното отворање на манифестацијата ќе биде вечер со палење на фестивалскиот оган и читање на Константиновата „Т`га за југ“ во Домот на поезијата, а ќе продолжи со Меѓународното поетско читање „Меридијани“.

Годинашното мото на Фестивалот, кој ќе трае до 29 јуни е „Каде што живее поeзијата“, под покровителство на претседателката на Република Македонија Гордана Сиљаноска-Давкова, финансиран од Министерството за култура и туризам.

Поврзани вести