Skip to main content

Во Свети Николе и Неготино информативни средби за Оперативниот план за вработување за 2026 година

Информативни средби за Оперативниот план за вработување за 2026 година, се реализирале во Свети Николе и Неготино. Мерките од Оперативниот план, пред жителите на овие општини, ги презентирале заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, директорката на Агенција за иновации, научно технолошки развој и претприемништво ИНОВА Даниела Димовска и заменик-директорката на Агенцијата за вработување Весна Пешова.

Во соопштението до јавноста, се наведува дека акцент бил ставен на трите подмерки од мерката за самовработување (претприемништво), каде јавните повици се објавени и сите заинтересирани можат да аплицираат до 3 јули.

Оперативниот план за 2026 година е фокусиран на отворањето на нови работни места, а секако главна мерка е токму оваа за доделување на грантови за отворање на сопствени бизниси, каде годинава се предвидени 1.377.303.780 денари или 22,3 милиони евра, со што е мерка која опфаќа најголем процент од буџетот на Оперативниот план. Со оваа мерка овозможуваме 2043 лица да започнат сопствен бизнис, што е зголемување за 313 лица во однос на минатата година. Интересот е голем и за првите два дена пристигнати се повеќе од 1.300 апликации  – кажал заменик-министерот Ристески.

И оваа година мерката „Самовработување – Претприемништво“ била поделена на 3 под мерки, каде за лицата до 29 години е предвидена помош до 10.000 евра, за лицата над 29 години до 7.000 евра, додека преку здружување во ДОО од 14.000 до 20.000 евра.

Градоначалниците на Свети Николе Дејан Владев, на Неготино Марија Нацева, на Градско Киро Нацков, на Демир Капија Наталија Димитриева и на Росоман Ѓорѓи Крстевски, ги повикале жителите на овие општини да ги искористат поволностите од оваа мерка, како и од останатите мерки од Оперативниот план и да аплицираат на некој од јавните повици.

Сите невработени лица заинтересирани можат да добијат детални информации за мерката во работните клубови на 30-те Центри за вработување на Агенцијата за вработување на Република Македонија, контакт центарот. 

Поврзани вести