Skip to main content
rtyCGznm2Wg

83 години од масакрот во Ваташа

На 16 јуни 1943 година, во месноста Чаир кај Моклиште, во близина на кавадаречкото село Ваташа, се случи едно од најстрашните злосторства врз цивилното население во Македонија за време на Втората светска војна. Со цел да се спречи народно-ослободителното движење во Македонија, бугарскиот фашистички окупатор во близина на Моклиште кај месноста Чаир, на 12 километри од Ваташа стрела 12 млади Македонци од селото Ваташа, кавадаречко, на возраст од 15 до 27 години возраст.

Колежот го извршила бугарската воjска и полициски одреди, под команда на полковник Љубен Апостолов, командант на 56. Велешки пешадиски полк од Петтата бугарска армија. Апостолов по потекло бил од Крива Паланка. Во тоа време, од 40 до 60% од војниците во полковите на Петтата армија биле локални регрутирани младинци, исто како и голем дел од полицијата, која била составена од месни кадри.

Во пролетта 1943 година, по повеќе акции на партизанските одреди на Третата оперативна зона, три полка бугарска војска и одреди полиција, под команда на полковникот Љубен Апостолов, од 7 до 16 јуни 1943 година, преземаат офанзива за уништување на македонските партизани. Се нафрлаат и на мирното население. Кулминација на погромите над цивилното население е масовното стрелање во Ваташа, на 16 јуни 1943 година, на роденденот на бугарскиот престолонаследник Симеон ІІ убиени се 12 млади Македонци.

Уште вечерта на 15 јуни низ Ваташа се разнела веста дека утредента никој не треба да оди на работа, зашто е роденден на престолонаследникот и во Кавадарци ќе се одржува парада. Кога се разденило на 16 јуни, селото било блокирано од војска и полиција. Никој не можел да излезе, а оние што тргнале на работа ги враќале назад дома.

Во раните утрински часови во селската кафеана на Васил Хаџијорданов во Ваташа биле приведени и сослушани неколкумина младинци и девојки. Тие биле скоевци, кои кришум им помагале на партизаните, но биле накодошени. Според Стева Илиева од Кавадарци: „Кметот нè собираше од куќите со готов список, сите нè имаше по име и презиме.“

Во кафеана тие се испрашувани и безмилосно тепани од страна на заменикот на полицискиот началник Петко Опреков, поручникот Борис Костов и двајца бугарски агенти, а потоа се принудени да признаат дека биле сите заедно со партизаните на 1 мај во месноста Моклиште и дека биле нивни помошници. На крајот на полицискиот распит ослободени се еден младинец и една девојка. Останатите 12 младинци и 4 девојки остануваат со обвинение за врска со партизаните и бегство во планината, кое наводно го подготвувале. Откако ги поднеле сите тортури и измачувања, полицијата и војската ги одвеле пешки младинците во колона кон Моклиште.

Додека ги воделе младинците, на неколку места ги запирале. Веројатно се премислувале каде да ги стрелаат, додека ним им велеле дека ги носат за да ги фотографираат. Најстариот од сите, Васо Хаџиjорданов насетил дека нешто лошо се подготвува, па кај месноста Чаир каде биле запрени, почнал да бега, а по него побегнале и други. Тогаш била издадена наредбата за оган. Дванаесетте младинци биле застрелани, иако сите војници не сакале да пукаат. Најмладиот од стреланите имал само 15 години. Еден од стреланите пред да умре, успеал да изусти „Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре!“.

Четирите девојки што, исто така, биле уапсени – Мара Хаџи Јорданова, Стева Ампова, Павлина Касапинова и Ката Ицева – ги тргнале настрана. Полицискиот началник Петко Опреков се спротивставил на поручникот Костов кога сакал да ги убие и девојките, а капетан Борис Жеглов го поддржувал Опреков, па така тие биле спасени. Поручникот Борис Костов, кој раководел со овој злочин, со шмајзер во рацете од кој сеуште се чадела цевката им се обратил на преплашените девојки со зборовите: „Гледајте, и вас ќе ве снајде истото!“ Војниците ги вратиле девојките назад во селото и издале наредба убиените младинци да не се носат назад, туку да се закопаат на местото на стрелањето.

Откако му реферирале за извршениот масакр, за успешно извршената акција, полковникот Љубен Апостолов восхитено рекол: „Тоа е тоа, страшни момчиња имам!“

Осумдесет и три години подоцна, нивните имиња продолжуваат да живеат како симбол на непокорот и младоста која не се предала пред теророт.

Убиени биле:

  • Перо Видев (15)
  • Ванчо Ѓурев (19)
  • Данко Дафков (18)
  • Илија Димов (18)
  • Ристо Ѓондев (18)
  • Блаже Ицев (20)
  • Пане Мешков (18)
  • Герасим Матаков (18)
  • Ферчо Поп Ѓорѓиев (26)
  • Васо Хаџијорданов (28)
  • Диме Чекоров (20)
  • Пане Џунов (18)

Според сведоштвата на преживеаните и на семејствата, дел од младинците по стрелањето сè уште давале знаци на живот, по што биле доубивани со бајонети. Родителите не смееле ниту достоинствено да ги погребаат своите деца и под закани само набрзина ги покриле телата со гранки и земја.

Денес на тоа место стои споменик кој потсетува на трагедијата што засекогаш го обележа Тиквешието.

Најпознатото музичко дело инспирирано од трагедијата е народната песна „Ми заплакало селото Ваташа“, чиј текст го напишал Лазар Манчевски-Пинџур, сведок на настаните. Песната низ децениите ја изведувале бројни македонски пејачи, а најпозната останува верзијата на Никола Бадев од 1975 година. Во Кавадарци и Ваташа таа често се нарекува неофицијална химна на селото и на сеќавањето на ваташките младинци.

Во поново време песната повторно го доби јавнот внимание преку емотивната изведба на Андријана Јаневска и Игор Џамбазов, претставена на „Златна Бубамара на популарноста“ и на одбележувањето на 80-годишнината од масакрот.

Поврзани вести