Skip to main content

Кога крајот е поважен од почетокот

Не дека и почетокот не е важен, но… секогаш постои некое „но“.

Македонската јавност со години е заробена во една непродуктивна дебата која се сведува на тоа кој е поголем поддржувач и застапник на политиката на македонското полноправно членство во ЕУ. Токму терминот „полноправно членство“ сметаме дека е клучен и претставува основа околу која се акумулирани најголемите политички разлики во Македонија. 

Во годините зад нас постојано слушаме меѓупартиски обвинувања за тоа дали некој е за или против ЕУ. Слушаме различни концепти и политики за начинот на нашето пристапување, но слушаме и бизарности за тоа кој е поголем или помал европеец.

Тоа е крајно непродуктивна дебата насочена исклучиво во правец на правење на некакви дневнополитички поени на темата ЕУ. Тоа е дебата наметната од надвор благодарение на постојаните блокади со кои е соочена земјата и кои придонесуваат за губење на енергијата и тапкање во место.

Суштинското прашање никогаш не било кој е поголемиот европеец или дали сме за или против ЕУ. Суштинското прашање е како да стигнеме до Европската Унија и под кои услови? Колкава цена треба да платиме и што треба да направиме истата да биде реална и фер?

Токму тука се наоѓа фундаменталната разлика меѓу двата најголеми политички блока во државата предводени од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Разликата е во концептот, подготвеноста за отстапки и цената која треба да се плати која на крајот од денот ќе падне на грбот на граѓаните. Разликата е во тоа дали ќе имаме партнерски или сервилен пристап на нашата дипломатија.

Во тој контекст, случувањата на Самитот во Тиват отворија ново поглавје во однос на оваа дебата и во однос на дипломатскиот пристап на државниот врв. Средбите на премиерот Мицкоски со францускиот претседател Макрон и германскиот канцелар Мерц не беа само протоколарни фотографии за дневна политичка употреба. Тие претставуваат дипломатски успех кој ја става Македонија во центарот на разговорите за иднината на европското проширување.

Тоа беа средби на партнери кои бараат начин како да продолжи процесот, а не само состаноци меѓу оние кои диктираат и оние кои сервилно извршуваат. Тоа беа средби на кои се разговараше за новата француско-германска иницијатива за постепена интеграција на земјите кандидати во Европската Унија, позната како германско-француски нон-пејпер. За потсетување, овој документ предвидува земјите кандидати да можат да почнат да ги користат придобивките од европската интеграција уште пред формалното полноправно членство, со што процесот би станал појасен и попрактичен.

Мора да се каже дека ова е значаен политички момент. Многу ретко се гледаат фотографии од средби на македонски премиери со француските и германските претседатели и канцелари на кои се разговара за суштината на евроинтегративниот процес на државата. Многу ретко, речиси никогаш не се слушнати впечатоци од средбите, како оние на Мицкоски кој оцени дека процесот на проширување повторно е жив и дека постои нова динамика во европските политики кон Западен Балкан. Тој уште веднаш по состаноците преку својата изјава јасно ја информираше јавноста дека Македонија нема да прифати чекори кои би можеле да доведат до нови идентитетски условувања во иднина.

Токму тука доаѓаме до суштинската разлика меѓу двата концепта за европска интеграција на Македонија. Концептот на актуелната влада и актуелната опозиција. Концептот на Мицкоски и концептот на Филипче.

Филипче и СДСМ и денес остануваат на ставот дека уставните измени се неопходниот прв чекор за отпочнување на процесот на преговори. Логиката на овој пристап е конзистентна и претставува континуитет на пристапот на Заев и Ковачевски. Прво да се исполни барањето, а потоа да се отворат поглавјата и да продолжи процесот. Од таа перспектива, за СДСМ уставните измени се клучот кој ја отвора европската врата.

Но, проблемот со овој пристап е тоа што тој се концентрира исклучиво на почетокот на процесот на евроинтеграции, без да даде одговор за неговиот крај. СДСМ е заинтересиран само за почетокот, а каков ќе биде крајот, тие никогаш не покажаа интерес за антиципација на процесот и негова јасна предвидливост.

За нив воопшто не е важно тоа што никој денес не може со сигурност да гарантира дека по уставните измени нема да се појават нови политички барања од соседите, нови услови или нови блокади. Искуството од последните години покажува дека Македонија повеќепати веруваше дека се наоѓа пред последната пречка, за потоа да се соочи со нова. И тоа токму во времињата кога на власт беше СДСМ.

За разлика од нив, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ настапува со поинаков концепт. Нивната политика не е насочена само кон првиот чекор, туку и кон последниот. Не е фокусирана само на отворање на преговорите, туку на обезбедување услови тие да бидат успешно затворени. Од таа перспектива, барањето за гаранции не е одбивање на европскиот пат, туку обид да се обезбеди неговата предвидливост.

Клучната порака на ВМРО-ДПМНЕ е дека Македонија не смее повторно да влезе во процес во кој секоја завршена обврска отвора ново политичко барање. Доколку се прават уставни измени, тогаш државата треба да има јасна увереност дека прашањата поврзани со македонскиот идентитет, јазик и историска посебност нема да станат предмет на нови преговори и нови условувања.

Кратко кажано, разликата е во тоа што концептот на СДСМ го проектира почетокот на преговорите, додека концептот на ВМРО-ДПМНЕ го проектира нивниот крај. Нас, македонските граѓани повеќе нѐ интересира успешниот крај отколку магловитиот почеток. Нас повеќе нѐ полноправното членство отколку кандидатскиот статус.

Токму тука доаѓаме до „полноправното членство“, клучниот термин кој што го посочивме на почетокот на текстот. Терминот околу кој се создаваат разликите во пристапот на Мицкоски и Филипче. Првиот е за успешен процес на преговори од почеток до крај, со јасно дефинирани национални интереси, а вториот е за што е можно побрз почеток со непредвидлив тек и уште нејасен крај. Едниот е фокусиран на полноправното членство на Македонија и македонскиот народ  во ЕУ, а другиот би започнал па натаму ќе се снаоѓаме.

Од тие причини, средбите во Тиват имаат големо значење. Тие покажуваат дека Македонија е активен учесник во процесот на европските разговори и дека постои разбирање кај највлијателните европски држави повторно да размислуваат за моделите на проширување. Франција и Германија, преку посочениот документ, испраќаат сигнал дека сегашниот систем на проширување има потреба од нов импулс и нова политичка креативност.

Дипломатскиот успех на Мицкоски треба да се гледа како почеток на еден нов процес. Овој успех треба да претставува пример и показател за тоа во кој правец треба да се движи вкупната македонска политика, независно од тоа дали се работи за власт или опозиција. Тој треба да стимулира на обединување и единство околу црвените линии. Тој треба да ги поттикне сите политички чинители својот фокус да го стават кон полноправното членство и крајот на процесот, исто онолку колку што го ставаат кон почетокот.

Поврзани вести