
Во Македонија, како демократско општество, според сите правила треба да постојат два вида одговорност на носителите на јавни функции. Првата е правната, која ја утврдуваат истражните органи и судовите врз основа на докази, законски процедури и индивидуална вина. Втората е политичката, која не е предмет на судски пресуди. Таа се однесува на јавниот интегритет и на односот што избраниот функционер го има кон институцијата што ја раководи. Со други зборови тоа е онаа одговорност која што треба секој функционер да ја сноси пред врховниот судија… народот.
Кај нас овие две категории се одамна измешани. Политичката одговорност речиси секогаш се сведува на прашањето дали некој ќе биде кривично гонет, додека кривичната одговорност се претвора во аргумент за дневнополитички пресметки во стилот дека се работи за политички прогон на опонентот. Таковиот наратив е одамна наметнат во јавноста и не е ни чудно што таа сè потешко препознава кога навистина се говори за принципи, а кога за политички интереси.
Случајот во Гостивар се претвори во ново поле за политичка пресметка во која се судираат спротивставени политички ставови. За нивното препознавање треба да се навлезе со малку подлабока анализа за да може да се направи проценка за тоа дали се работи за ставови кои ги бранат принципите или го бранат политичкиот интерес. Секое површинско поимање на информациите лиферувани од политичките кујни може да доведе до заблуда и погрешни заклучоци кои ќе го насочат јавното мислење во погрешна насока, а виновниците ќе останат неказнети… како до сега.
Токму во овој дел треба да се набљудува внимателно и да се детектираат разликите во однесувањето во пракса на главните политички протагонисти кои го окупираат вниманието на јавноста како дополнителен наратив на оној основниот и реалниот, епидемијата во Гостивар.
Најдобар начин за да се направи таквата детекција е да се споредат наративите и однесувањето на СДСМ, ДУИ и Таравари, од една страна, и ВМРО-ДПМНЕ и владејачката коалиција во однос на епидемијата во Гостивар и трагедијата во Кочани. Но, не затоа што двата случаи се идентични. Тие не се и не смеат да се третираат како еднакви. Пожарот во дискотеката „Пулс“ е национална трагедија со огромен број човечки жртви. Кризата во Гостивар е сериозен јавно-здравствен инцидент што отвори прашања за безбедноста на водоснабдувањето, функционирањето на локалните институции и заштитата на јавното здравје. Различни се причините, различни се последиците, различни се и истражните постапки, но споредбата на овие два случаи е добра основа за разбирање на дополнителниот наратив за кој зборуваме во текстов.
По трагедијата во Кочани, тогашниот градоначалник Љупчо Папазов поднесе оставка. Во моментот на оставката неговата евентуална кривична одговорност не беше утврдена. Постапките штотуку започнуваа, а истрагата требаше да утврди кој, во кој обем и поради кои пропусти носи правна вина. Сепак, политичката порака беше дека градоначалникот презема морална одговорност затоа што трагедијата се случила во период кога тој ја водел општината.
Тоа не значеше признание на вина. Ниту, пак, оставката претставуваше замена за истрагата. Напротив, институциите продолжија да ја утврдуваат правната одговорност независно од политичкиот чин и ова претставуваше пример за тоа како треба да функционира системот на два вида на одговорности кај носителите на јавни функции.
Во Гостивар се развива поинаков модел, сосема спротивен од оној во Кочани. По појавата на бактериолошки неисправна вода и големиот број заболени граѓани, локалната власт, претставена преку СДСМ, ДУИ и Таравари, остана на ставот дека секоја политичка оценка е предвремена додека не завршат анализите и истрагата.
Во гостиварскиот случај се врши бескрупулозна политичка одбрана на градоначалникот на општината без да се упати истиот на политичка одговорност како носител на јавна функција. Според овој пристап, во правна држава никој не треба да биде прогласен за виновен без утврдени факти. На тој начин, во системот на вредности на СДСМ и ДУИ произлегува дека не постои политичка и морална одговорност која се поднесува пред врховниот судија, народот. Не постои одговорност која е независна и различна од онаа правната, која треба да ја утврдува македонското правосудство.
Нивниот аргумент е дека само утврден факт може да биде основа за политичка или правна одговорност. За СДСМ и правните фундаменталисти таквата логика сама по себе не е нелегитимна. Тие без трошка морал се држат исклучиво за она што е напишано во законите од човечка рака. Моралните закони и одговорноста воопшто не се предмет на нивниот интерес и тоа е она што ја прави разликата во пристапот кон моралот и чувството на одговорност на СДСМ, ДУИ и Таравари, од една страна, и ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата од друга страна. И токму тука започнува суштинската дилема, дали политичката одговорност треба да се смета за вина и дали воопшто треба да зависи од конечниот исход на кривичната истрага?
Ако политичката одговорност се поима како обврска што произлегува од самото раководење со институцијата, тогаш таа мора да биде независна од партиската припадност на функционерот и политичкиот интерес на неговата партија и коалиција која што стои зад него. Ако, пак, се смета дека политичка одговорност може да има само по завршување на правната постапка, тогаш истиот критериум мора да важи во секој иден случај, без оглед дали се работи за градоначалник, министер или директор именуван од која било политичка опција.
Но, во Кочани веќе имаме воспоставено пракса во која градоначалникот поднесе оставка. Така треба да биде и во Гостивар. Без таквата доследност, јавноста неизбежно добива впечаток дека едно се зборува, а друго се прави. Јавноста добива впечаток дека политичките стандарди се менуваат зависно од тоа за која партија и политичка филозофија се работи.
Политичката одговорност е еден од ретките механизми преку кои граѓаните можат да добијат уверување дека јавните функционери ја разбираат тежината на сопствените пропусти. Ако таа се претвори во инструмент што се активира само против политичкиот противник, тогаш престанува да биде инструмент на демократска контрола и станува средство за политичка конфронтација.
Затоа, Кочани и Гостивар не треба да се споредуваат според бројот на жртви или според тежината на последиците. Тоа би било и неточно и неетички. Но, тие можат да се споредуваат како два посебни теста за зрелоста на политичкиот систем.
Во двата случаи се отворија прашања за функционирањето на институциите. Во двата случаи јавноста очекуваше транспарентност, преземање одговорност и јасни одговори. Во двата случаи политичките партии настапија со силни пораки, но не и со исти критериуми. Додека ВМРО-ДПМНЕ се залага за конзистентност во поднесувањето на политичката одговорност, СДСМ во Кочани имаше еден пристап, а во Гостивар демострираше сосема спротивен на сопствениот од кочанскиот случај. Тоа се двојни стандарди во поимањето и примената на моралната и политичката одговорност.
На крајот, можеби најважното прашање не е дали некој требало да поднесе оставка. Тоа се прашања на конкретен политички контекст. Поважно од се е дали Македонија има јасно дефиниран стандард за политичка одговорност што ќе важи еднакво за сите носители на јавни функции. Ако таков стандард не постои, тогаш секоја идна криза повторно ќе биде предмет на иста расправа, односно не за тоа што се случило, не за тоа како потфрлил системот и не за тоа како да се спречи повторување на истиот проблем, туку за тоа кој во тој момент е на „жешката фотеља“ и кој и каков политички интерес има од кризата.
Тоа не е проблем само на политичките партии. Тоа е проблем на политичката култура. Државата не се гради врз поединечни оставки, туку врз предвидливи правила што важат еднакво за сите. Сè додека политичката одговорност се толкува различно од случај до случај, таа нема да биде институционален стандард, туку предмет на политичка интерпретација. А токму во тоа се крие најголемата слабост на македонскиот јавен и политички живот.

Македонски


