
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров денеска изјави дека Организацијата договор за колективна безбедност (ОДКБ) останува отворена за дијалог со НАТО, но оти Западот целосно го уништил безбедносниот систем во Европа и клучните договори за контрола на вооружувањето.
ОДКБ отсекогаш била отворена за дијалог, вклучително и со НАТО. Кога немаше криза во односите помеѓу Русија и Западот, кога функционираше Советот Русија – НАТО и кога се спроведуваа програми за испорака на хеликоптери во Авганистан за борба против тероризмот. Постоеше цела програма за соработка меѓу Русија и НАТО, па дури и тогаш, НАТО никогаш не се согласи да седне со ОДКБ за да разговара за безбедносни прашања, наведе Лавров по состанокот на Дипломатскиот совет на ОДКБ во Казањ.
Тој додаде дека министрите за надворешни работи на ОДКБ разговарале за моменталната состојба во регионот и светот, но и за Украина и влијанието на Западот.
Безбедносниот систем во Европа е целосно уништен од нашите западни колеги. Сите важни договори за контрола на оружјето се елиминирани. Една од манифестациите на оваа деструктивна линија, која нашите западни колеги ја следат поради историската инерција, е активното учество на Украина во НАТО, посочи Лавров.
Тој додаде дека е важно евроазискиот регион да не стане „арена на геополитичка конфронтација“.
Лавров наведе и дека брзо треба да биде решено прашањето дали Ерменија ќе остане членка на ОДКБ.
Ерменија треба брзо да избере помеѓу Европска Унија и ОДКБ, прашањето веќе е на дневен ред, посочи Лавров.
Ерменија веќе две години не плаќа придонеси во ОДКБ, а нејзин претставник денеска не присуствува во Казањ.
ОДКБ е регионална меѓународна организација, воен сојуз составен од шест поранешни советски републики – Белорусија, Ерменија, Казахстан, Киргистан, Русија и Таџикистан. Србија има статус на набљудувач во Организацијата.
Извор: МИА

Македонски



