
Од 11 до 13 јуни 2026 во Софија ќе се одржи 16. Македонска книжевна визита која се организира од Издавачката куќа „Макавеј“ од Скопје, во соработка со Македонскиот културно-информативен центар. Шеснаесеттото издание на оваа значајна манифестација ја продолжува својата мисија – афирмација на современата македонска литература во Р. Бугарија и продлабочување на соработката меѓу македонските и бугарските писатели.
Во изминатите петнаесетина години во организација Макавеј и МКИЦ во Софија беа одржани 15 успешни изданија на Македонската книжевна визита на која учествуваа деведесетина македонски поети, научници, писатели и публицисти (меѓу кои и ак. Матеја Матевски, ак. Гане Тодоровски, ак. Ташко Георгиевски, ак. Луан Старова, ак. Али Алиу, ак. Митко Маџунков, Мето Јовановски, Драги Михајловски, ак. Ристо Василевски, ак. Катица Ќулавкова, д-р Илија Велев, Д-р Ангелина Бановиќ – Марковска, Д-р Блаже Китанов, Трајан Петровски, Ристо Јачев, Иван Чаповски, Санде Стојчевски, Веле Смилевски, Милован Стефановски, Стојан Тарапуза, Раде Силјан, Весна Ацевска, Бранко Цветкоски, Братислав Ташковски, Гордана Михаилова – Бошнакоска, Кристина Николовска, Паскал Гилевски, Вера Чејковска, Славе Ѓорѓо Димоски, Борче Панов, Кире Неделкоски, Јовица Тасевски – Етернијан, Жарко Кујунџиски, Иван Антоновски, Трајче Кацаров, Игор Исаковски, Марта Марковска, Владимир Илиевски, Марина Мијаковска, Душко Крстевски, Наташа Сарџоска, Митко Гогов и други) како и редица врвни бугарски писатели, есеисти, преведувачи и публицисти.
Досегашните изданија на оваа книжевна манифестациja за афирмација на македонската литература во престолнината на Бугарија беа извонредно позитивно примени и во бугарските и во македонските литературни кругови. Исто така, голема јавна верификација доби и гестот на ИД Макавеј кој на МКИЦ во Софија му подари речиси 3000 книги за збогатување на библиотеката. Својата генеза оваа манифестација ја има во речиси петнаесетгодишната соработка на ИД „Макавеј“ со бугарските издавачи и писатели што придонесе за преведување и објавување над педесетина македонски автори во Бугарија.
Издавачката куќа „Макавеј“ континуирано остварува успешна соработка со повеќе издавачки куќи од Софија и како резултат на таа копродукциска соработка се пласирани книгите од македонски автори во Софија, преведени од македонски на бугарски јазик.
Во рамките на потврдената програмска концепција на Шеснаесеттата македонска книжевна визита во Софија ќе се одржат следните програмски содржини: (1) Заедничко читање на македонска и бугарска поезија, со учество на најистакнати имиња на поетската сцена од двете земји, (2) Книжевен портрет на истакнатиот македонски автор Јовица Ивановски, (3) Посетата на куќата за литература и превод во Софија.
За досегашните петнаесет изданија на оваа книжевна манифестација, која е сесрдно прифатена во македонските и во бугарските книжевни кругови, досега се пласирани над 200 новински информации и мини-репортерски написи, интервјуа и сл. а Македонската радио-телевизија снимила неколку специјални тв репортажи во кои се говори за сите содржини на манифестацијата, со инсерти од разговори со најзначајни македонски и бугарски литературни дејци, со нагласка на отворениот и пријателски гест на двете литератури и култури и решеноста на писателите да придонесат за развојот на културните и добрососедските врски на македонскиот и на бугарскиот народ.

Македонски



