
Деновиве се простивме од Мартин Треневски. За мене, Мартин беше потсетник за тоа каде стои вистинската про-европска ориентација на Македонија. Помладите се научени дека левицата, СДС и ДУИ, се партиите на странскиот фактор, најдобри другари на западните дипломати и чувари на интегративниот процес. Секако, тоа е целосна невистина и инверзија на реалноста. Вистинската про-западна опција во Македонија беше и останува десницата, која, преземајќи сериозен ризик по себе, се заложи за уривање на комунистичкиот систем, за отворање и трансформација на економијата, реформа на образованието и заземање на нашето место како нација покрај другите европски народи. За левицата, западот значеше да продолжат да ја играат единствената игра што ја знаат од времето на Југославија – да бидат измеќари за некој поголем и посилен од нас, а за возврат тој некој ќе ги држи на власт. Затоа луѓе кои со децении се колнеа на другарот Тито и социјализмот, и притоа го саботираа македонскиот суверенитет и го потчинуваа на Белград, прекуноќ се свртеа и почнаа да се колнат во другарот Клинтон, Солана, другарката Олбрајт, Меркел, па постепено стандардите им паѓаа како што беа преземани од се помали и помали регионални сили, како Грција, за сега главен да им биде Еди Рама лама динг донг.
Оваа состојба е секако поразителна за изворната про-западна десница во Македонија, чиј ентузијазам се топеше како што европските држави и САД продолжуваа непринципиелно да ги фаворизираат најмизерните кругови во македонското општество и да ги држат/носат на власт, како со децении и дозволуваа на Грција да ја држи Македонија како заложник, притоа честопати користејќи дури и приземни навреди кон земјата и народот, и поради нивната поддршка за албанскиот сепаратизам и несразмерното политичко влијание во Македонија. Во тие околности, Мартин Треневски беше меѓу ретките гласови на десницата кои п0кажуваа како се градат принципиелни односи со европските политичари – врз основа на споделените вредности на европското цивилизациско наследство, конзерватизмот и пан-европската идеја, а не со коленичење и барање помош да се дојде на власт по секоја цена.
СДС, кои сметаат дека треба да имаат монопол врз комуникацијата со западните политичари, не дозволуваат некој да им се меша во нивното гранапче. Треневски беше цел на нивните напади затоа што, како македонски амбасадор во НАТО, изјави дека наша позиција треба да биде дека алијансата треба да почне да носи одлуки со квалификувано мнозинство, без вето. Ова е сосем нормален и разбирлив став за една држава која и во минатото и сега била и е клучна за безбедноста на Балканот, а чие членство во НАТО беше попречувано од Грција поради крајно националистичко барање што произлегува од грчките недемократски практики, повеќедецениската принудна асимилација на Македонците и стравот дека со самото наше постоење ќе им се наруши митот за етнички чистата грчка држава. Нормално, Македонија тогаш не беше членка на НАТО и шансите да ни се уважи ова барање беа никакви, но за СДС скандалозно беше самото тоа што сме се дрзнале да го покренеме прашањето и да го критикуваме начинот на кој во НАТО се носат одлуките и им се дозволува на националистички политичари од помалите држави – членки да ја користат алијансата за вршење притисок врз помала кандидатка и за перчење пред домашните гласачи. Работата беше – кај други те тепаат, уште па „твоите“ од СДС не ти даваат ни да плачеш.
Деновиве сме сведоци дека оваа замисла – одлуките (сега во ЕУ) да се носат со квалификувано мнозинство, се погласно се најавува и станува барање на Европската Комисија и на водечките држави членки. Конкретната причина беше противењето на Унгарија кон пакетите воена помош за Украина, со што, според тогашните власти во Будимпешта и сродните политички движења низ Европа, само се разгорува војната и се продолжува страдањето на украинскиот народ. Но, факт е дека под силен притисок на ЕУ, Орбан беше принуден да го повлече своето вето за отпочнувањето на преговорите со Украина. Значи – сепак можело и без вето. Работата за која СДС му се потсмеваа на Треневски стана реалност. Добро, Украина е екстремен случај во секој поглед. Но наскоро по оваа ситуација, видовме дека слични повици доаѓаат и за интеграцијата на балканските земји. Дали поради тоа што ЕУ очекува дека по Унгарија некоја друга држава исто така ќе отвори прашања за приемот на Украина, или пак во Брисел се будат за геополитичките прашања и решиле конечно да го интегрираат Балканот – не е ни важно. Важно е дека земји како Франција, Германија, Италија, Австрија и повеќето словенски членки на ЕУ зборуваат и подготвуваат планови за побрз прием на новите членки. Претседателот на Европската Комисија Кошта најави дека едно решение може да биде отворање на поглавјата и нивно преговарање без членките да имаат право на вето (ветото би дошло при затворањето на поглавјата). Ова е се што Македонија би можела да посака, за конечно да може да преговара принципиелно, без да мора бесконечно да се објаснува за анахрони национални и историски прашања. Конечно да се вратиме на достоинствен пат на интеграциите – како што го замислуваше првата генерација десничарски, про-европски политичари по независноста, меѓу кои несомнено беше и Мартин Треневски.
Достинствени интеграции се единствениот пат кон ЕУ кој нема да предизвика поголеми проблеми за нас и во регионот.
Не знаеме што ќе произлезе од овие нови иницијативи на Брисел – и досега сме имале планови за Солунска или Берлинска агенда кои на крајот се изјаловиле – но знаеме дека СДС се преплашени од новиот развој на настаните. Изведени се од памет од можноста Македонија навистина да добие поправичен, по-фер однос од страна на ЕУ, откако во нивниот мандат, по целото тупкање по рамо, по сите неверојатни отстапки што ги направија, не успеаа да испорачаат по главното прашање што ги интересираше граѓаните. Затоа, СДС очајно ја повикуваат Владата да направи заевистичен потег и да ги направи отстапките однапред, без гаранции дека ќе добиеме нешто за возврат. Ајде што секојдневно повикуваат на тоа – повици кои ќе останат без одговор – но се обидуваат да го мобилизираат и албанскиот фактор преку иницијативата за референдум, бидејќи тоа им е некаква можност да предизвикаат политички проблем за Владата.
Внимавајте за кое ниво на расипаност станува збор тука. СДС преговараа со Грција, ЕУ, Стејт Департментот (колку што може да преговара потчинет политички елемент кој во старт настапува од позиција на инфериорност). Ги молеа Меркел, Меј, Макрон да дојдат тука или да пратат пораки во кои не лажеа дека по промената на името ќе бидеме експресно интегрирани во ЕУ. СДС најдобро знаат како ЕУ знае да лаже и како секоја демонстрација на слабост на Балканот предизвикува нови притисоци и условувања (го „решија“ спорот со Грција само за Бугарија да намириса слабост и да ни отвори нов, многу посериозен спор). И наместо да се скријат во дупка, да прашаат како евентуално може да помогнат да се премости глупоста што ја направија, да ја зацвстат националната позиција што единствено може да помогне да дојдеме до долгорочно одржлив фер договор – СДС бараат и ВМРО да ја направи нивната глупост, за двете партии да дојдат на исто рамниште во очите на граѓаните. СДС се како човек кој ангажирал мајстори за некаква работа, дебело платил однапред, далеку над реалната цена, а мајсторите (Грција) не испорачала ниту половина од договорената работа. Сега истата ЕУ фирма ни праќа друг мајстор и наместо СДС, сме пратиле многу посериозен член на семејството, ВМРО, да преговара за работата. И нормално, бараме овојпат мајсторот да покаже дека планира да ја заврши работата на време и квалитетно, договараме да му се плати по завршување на работата.. Притоа го слушаме мајсторот како на комшиите им вели дека штом ќе му платиме аванс ќе ни каже дека цената не вклучува ДДВ или транспорт или монтажа. Јасно ни е дека ако платиме однапред, мајсторот ќе каже дека промената на Уставот била само аванс, и дека ќе треба да платиме за уште пет други работи, и дека ќе бидеме заглавени во неодржлив градежен хаос во следните години или децении. И СДС викаат – па добро, плати му на човекот, каков избор имаме? Истите луѓе кои и се потсмеваа на десницата на најавите дека ќе дојде ден кога одлуки ќе се носат без вето, дека ќе дојдат поволни геополитички моменти, истите луѓе сега бараат сите колективно да се претвориме во оној несреќен трговац пиперкама из Горњи Милановац, човек без образ и достоинство, спремен да си ја распродаде дедовината за викенд во Дубаи. Што само го продлабочува јазот меѓу достоинствената, оригинална про-западна опција на десницата и оваа аморфна мизерија што ја имаме на левицата.

Македонски



