
„Ултрамарин“ е насловот на самостојната изложба на слики од Јана Куновска што ќе биде отворена вечерва во 20 часот во Културно-информативниот центар во Скопје. Таа ќе се претстави со 12 дела, „Птици“ изработени годинава. Според Нада Пешева, историчарка на уметноста, ова означува пресвртен момент во кој Јана Куновска сликовно го деконструира и прочистува платното од досегашните наративни претстави преку нивното изоставање.
„Претходно, во нејзините поранешни дела, каде фигуративните мотиви беа композициски потенцирани преку нагласена димензионалност за да ја материјализираат наративната идеја. Во најновиот ликовен израз, Куновска целосно го напушта земјиното тло, при што свесно го преместува дејството во небесните висини, доловувајќи го бесконечниот простор преку минимизирани монохроматски потези и суптилни силуети на птици“, пишува Пешева.
Замаглувајќи ја границата помеѓу апстрактното и репрезентативното, птиците поставени во одреден сегмент на сликата (најчесто во горниот дел од платното) летаат спокојно и слободно во правецот кој самите го одбрале.
Јана Куновска дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Во моментот е докторски студии на Универзитетот „Метрополитен“ во Белград. Реализирала 68 самостојни и групни изложби во земјата и странство. Изложбата во КИЦ ќе биде отворена до 24 јуни.

Македонски



