
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска изјави дека Врховната команда ги разгледала сите пет руски сценарија за ширење на војната преку северот на Украина и оти за секое можно сценарио подготвува одговор.
Како што напиша на социјалните мрежи, анализирани се податоците на украинските разузнавачки служби за можните планови на Русија за напади во правец Чернигов-Киев.
Детално ги анализиравме достапните информации од нашите разузнавачки служби за руското планирање на офанзивни операции во правец Чернигов-Киев. За секое можно сценарио на непријателот подготвуваме одговори, доколку Русите навистина се одлучат да ја прошират својата агресија. Нашите сили на тој правец ќе бидат засилени – рече Зеленски.
Тој наведе дека се разгледува и надворешнополитичкото делување.
Му наложив на Министерството за надворешни работи на Украина да подготви дополнителни мерки за дипломатски притисок врз Белорусија, која Русија може да ја искористи за вакво ширење на војната. Соодветни доверливи задачи им се дадени и на украинските разузнавачки служби – рече претседателот на Украина.
Зеленски нагласи дека се разгледува и прашањето за можна мобилизација во Русија, со проценки дека се подготвуваат нови чекори кои би можеле да опфатат околу 100.000 луѓе.
Според него, Украина продолжува со подготовките за проширување на географската примена на долгорочните „санкции“, кои веќе дале резултати.

Македонски


