Skip to main content

Кос: Дијалогот Белград – Приштина е клучен пат кон ЕУ за двете држави

Printscreen / Youtube / Влада

Еврокомесарката за проширување Марта Кос, при нејзината прва посета на Приштина, изјави дека Дијалогот Белград – Приштина е клучен пат кон Европска Унија за двете страни.

Колку е поуспешно Косово во спроведувањето на реформите (неопходни за пристапување кон ЕУ) и колку е поуспешно во дијалогот Белград – Приштина, толку е поголема веројатноста дека ќе започнеме суштински преговори“, наведе Кос на заедничката прес-конференција со косовскиот премиер Албин Курти.

Таа додаде дека „неуморно ќе работи за да го приближи Косово што е можно поблиску до ЕУ“ и упати апел Приштина да ја врати својата институционална стабилност за да може да продолжи напред по својот европски пат.

Не може да има безбедност во Европа без Косово. Косово е составен дел од пошироката слика, поради што денес проширувањето е многу повеќе од само проширување. Станува збор за безбедносни проблеми во Европа, за тоа да бидеме заедно, за регионална соработка“, наведе Кос.

Курти, пак, истакна дека Косово дели заеднички вредности со ЕУ и оти целосно ги усогласила своите надворешни и безбедносни политики со Унијата.

Не бараме пократки патишта или задни врати, туку само процес базиран на заслуги“, наведе Курти.

Тој наведе три мерки за градење доверба со Србија што треба да се преземат за да може да продолжи Дијалогот. Тоа се предавањето на Милан Радојчиќ, кој ја презеде одговорноста за инцидентот во Банска, повлекувањето на писмото од поранешната српска премиерка Ана Брнабиќ до ЕУ во кое се наведува дека „територијалниот интегритет на Косово нема да се почитува“ и спроведувањето на договорите постигнати во рамките на дијалогот.

Ние сме за правата на малцинствата, ние сме за човекови права, бидејќи тие се фундаментални за демократијата, но од друга страна, бараме и поддршка од ЕУ за да можат да се почитуваат правата на малцинствата и човековите права и во Србија, за да имаме еден вид симетрија од двете страни“, наведе Курти.

Косово официјална апликација за членство во ЕУ поднесе на 15 декември 2022 година. Оттогаш, земјата чека одлука од земјите-членки, а главната пречка е фактот што пет земји од ЕУ – Кипар, Грција, Романија, Словачка и Шпанија – сè уште не ја признале независноста на Косово.

Поврзани вести