
Годинава, по шестнаесетти пат, повторно се наоѓаме на крстопатот помеѓу филозофијата и филмот посветувајќи им осум дена на автентичните филмски светогледи. Ова фестивалско издание ќе се одржи од 21 до 28 мај, а проекциите ги селиме во Кино „Фросина“ на Младинскиот културен центар каде ќе погледнеме триесетина филмови од Европа и сите краишта на светот, велат од Филозофски филмски фестивал.
Иако во изминатите години преку еден режисер отклучувавме главно прашање и мото, оваа година се инспирираме од моменталниот контекст и констатираме со восклик: Слобода во слободен пад. Слободниот пад како едно субјективно вертиго знаеме дека звучи малку страшно, но кога насилството го прифаќаме како вообичаен декор на кој станавме индиферентни, не би можеле да означиме поинаку. Во вакво време-невреме на ментална опсада од 24/7 дигитални стимули, персонализирани алгоритми и ВИ-слопови кои однапред ни ја читаат реалноста наместо нас – ФФФ врти огледало кон сите нас и бара едно: наместо дефетизам и сардоничност, имагинацијата и емпатијата да не умрат тивко.
Фестивалската програма е изградена од разновидни селекции кои ни нудат преглед на новите филмски остварувања, но нè потсетуваат и на некои подамнешни филмови. Две од програмите се компетитивни: официјалните селекции на долгометражен и краткометражен филм, а овде се и Ревијалната програма: филм-философија, Селекција на есеј-филмови, Придружната и Едукативната програма.
Најзаслужни за квалитетната програма што ја нуди Фестивалот, секако се селекторите, коишто секоја година внимателно ги избираат филмовите. Селектор на долгометражните филмови (ОСД) е проф. м-р Кирил Трајчев, селектор на краткометражните филмови (ОСК) е д-р Дејан Здравков, а селекторка на есеј-филмовите (ЕФ) е Ана Дишлиеска Митова.
Официјалната селекција на долгометражни филмови (ОСД), годинава се состои од пет филмови кои се во конкуренција за наградата „Златен був“ од стручното жири и од публиката за Најдобар долгометражен филм. Фестивалот ќе биде отворен со еден ОСД филм – „Друг крај“ од италијанскиот режисер Пјеро Месина – со проекција на 21 мај во 20:00 часот. Филмот е сместен во блиска дистописка иднина каде што технолошкиот напредок претендира да ја колонизира и самата смрт. Филмот го поставува прашањето „Што навистина нè поврзува со оние кои заминале, кога телото е само привремен сад за ехото на минатото?“. Прикажан во натпреварувачката програма на Берлиналето, филмот на Месина се издигнува над жанровските конвенции на научната фантастика, трансформирајќи се во тмурна филозофска елегија за смртноста, идентитетот и неможноста вистински да се избрише онтолошката граница помеѓу животот и ништавилото.
Вториот фестивалски ден (22 мај) од 21:00 ч. продолжуваме со бразилско-португалскиот филм „Спомен за мирисот на нештата“ од Антонио Фереира. Филмот нуди портрет на егзистенцијалната кршливост во квечерината на животот преку приказната на Арменио, ветеран од португалската колонијална војна, кој во својата нова, ограничена реалност неочекувано се зближува со Херминија – неговата негувателка со африканско потекло. Соочен со немилосрдната ранливост на стареењето и неизбежноста на смртта, Арменио е принуден да одговори на суштинската дилема: дали вистинското ослободување од историјата лежи во нејзиното заборавање или во нејзиното бескомпромисно признавање? Награден на фестивалот во Шангај, филмот е длабока, хуманистичка медитација за предрасудите и мачната, но неопходна потрага по конечно искупување.
Следниот ден, 23 мај, во исто време, ќе ја проследиме проекцијата на „Туѓинка“ во режија на Лусија Алењар Иглесијас. Фокусот е ставен на границите помеѓу генерациите, идентитетите и телата, а филмот се преобразува од конвенционална драма за созревањето во психолошка студија на сеништа и духови, каде што самото сеќавање се претвора во опсесија. Приказната се одвива за време на едно летување во Мајорка, каде што спокојот на младата Ката и нејзините баба и дедо е брутално прекинат од ненадејната смрт на бабата. Награден во Торонто и Ваљадолид, филмот е маестрална, дискретна опсервација на претопувањето на една личност во друга – фасцинантен приказ на дисонанцата помеѓу стравот од преземањето на улогата на возрасен и неизбежното препознавање на заминатите сакани во сопствениот одраз.
Понатаму, вечерната проекција од 21:00 ч. на 24 мај е резервирана за филмот-триптих на Илдико Ењеди, „Тивок пријател“, кој претставува медитативно кинематографско патување кое радикално ја изместува антропоцентричната перспектива, нудејќи провокативна егзистенцијална парадигма: што ако природата нè набљудува нас со истата испитувачка љубопитност? Приказната испреплетува три судбини: студентката по биологија Грете во 1908 година (снимена на 35 мм лента), која преку фотографијата открива свети обрасци во флората; студентот Ханес во 1972 година (16 мм), длабоко допрен од контактот со еден гераниум; и еден современ невронаучник во 2020 година (дигитален формат), кој спроведува неконвенционален експеримент врз самото дрво. Филмот е награден на фестивалите во Венеција и Ваљадолид.
Петтиот, последен филм од ОСД, што ќе биде прикажан на 26 мај, од 21:00 ч., е „Месечината ми е татко“ од истакнатиот грузиски режисер Гиорги Овашвили. Приказната го следи дванаесетгодишниот Тома, чие секојдневие во Тбилиси (исполнето со неволји) е ненадејно прекинато од враќањето на неговиот отуѓен татко, Немо. Нивното патување во древното планинско село на предците се претвора во чин на иницијација – отфрлен од мештаните, Немо настојува да му ги пренесе на синот тајните на ловот на елени и тежината на сопственото минато. Но, овој обид за повторно воспоставување на прекинатата врска кулминира со трагичен инцидент во кој Тома случајно го застрелува својот татко – настан кој го фрла момчето во вртлогот на тешка физичка и морална борба. „Месечината ми е татко“ претставува длабоко симболично истражување на простувањето, наследените трауми и болното созревање.
Во конкуренција за „Златен був“ за Најдобар краткометражен филм според жирито и според публиката, ќе бидат прикажани 15 филмови распределени во две филмски вечери. Од 18:00 часот, на 24 и 26 мај ќе се одржат проекции во коишто посетителите ќе имаат можност да погледнат квалитетна селекција на краткометражни филмови, коишто отвараат најразлични човечки/општествени прашања и поттикнуваат размисли за нив. Филмовите доаѓаат од сите краишта на светот како: Франција, Хаити, Македонија, Србија, Мексико, Исланд, Шведска, Јужноафриканска Република, Данска, Бангладеш, Филипини, Грција, Палестина, Аргентина, Кина, Бразил, Нов Зеланд, Литванија, Норвешка, Шпанија, Хрватска, Словенија, Обединети Арабски Емирати, Канада.
Жирито го сочинуваат домашни и меѓународни познавачи на филмот и филозофијата: Адријано Ерколани (филозоф, есеист), Габриеле Ш. Зиндлер (филмска работничка, аналитичарка на сценарија), Катерина Колозова (филозофина, професорка) кои ќе одлучуваат за наградите во Официјалните конкуренции на долгометражни и краткометражни филмови.
Најмладата селекција на фестивалот е Селекцијата на есеј-филмови (СЕФ), на која ќе ѝ ја посветиме вечерната проекција на 27 мај со почеток од 21:00 ч. Публиката ќе има можност да погледне седум филма и тоа: „Постојан центар на гравитацијата“ во кој Лилија Тимирзјанова, привлечена од филмот како форма на рефлексија и отпор, сведочи за невидливите, интимни вистини на светот, и оној меѓупростор на нашите тела во којшто политичкото и индивидуалното се преплетуваат; „Сина планина. Бел облак“, филм во кој режисерката Мигле Крижинаускаите и Вон Бо Суним – која пред повеќе од две децении одлучила да стане зен-монахиња – тргнуваат на заедничко духовно и физичко патување низ планините на Јужна Кореја; „Ќе се разбудам кога ќе се наспијам“ на Сиги Голан што истражува како останувањето в кревет, мирувањето, недејствувањето можат да бидат дел од политиката на отпор во еден забревтан свет во кој да се биде значи да се биде (хронично) уморен, а неретко, и да се биде морално слеп; „Ноќните цвеќиња на Дарја“, на Марјам Тафакори, во кој Дарја го завршува својот прв ракопис во кој се следи како главниот лик се вљубува во мистериозна девојка по име „Аби“ (Сина); поетскиот, интимен и медитативен, „Слободна верност“ е есеј-филм на Даниел Џин во кој неименуван млад патник размислува за осаменоста, изолацијата и припаѓањето на денешниот динамичен и променлив свет; „Град на поети“ од Сара Раџаи преку фотографии од семеен албум открива град кој можеби и никогаш не постоел, а чии улици носеле имиња на поети. Кога избила војната, изникнале нови населби за да ги примат бегалците. Дали овој град ќе има доволно поети да ги обезвременат неговите улици?; седмиот есеј-филм во селекцијата е „Вишок живот (и распаѓање)“ во режија на Стефани Лагард во кој полифоничен наратор – кој го користи гласот на филмски автор, родител, шума, воспитувачка, инсект… – го обзнанува своето отфрлање на трудовата експлоатација и ја истакнува нужноста од приклучување кон колективните тела на отпорот.
Преку Ревијалната програма: филм-философија (РП) специјалните гости со своите излагања ни помагаат да ги погледнеме култните филмови во ново светло. Оваа година имаме четири филма во оваа селекција, а првиот од нив кој ќе го погледнеме на 22 мај од 18:00 ч. е врвното остварување на италијанскиот режисер Елио Петри „Истражна постапка против еден граѓанин надвор од секакво сомнение“ кој е политички филм и брилијантна, кафкијанска сатира за апсолутната моќ и нејзината неизбежна корумпираност. За „Парадоксот на моќта: Гротескното пророштво на Елио Петри“, по проекцијата, ќе ни зборува мистичниот филозоф и есеист, Адријано Ерколани. На 23 мај (18:00 ч.) ќе ја проследиме проекцијата на трагикомичното ремек-дело „Ах, Кармела!“ на Карлос Саура што го следи патувачкото кабаре-трио кое, забавувајќи ги републиканските трупи, по грешка залутува на непријателската, фашистичка територија. По проекцијата ќе го слушнеме излагањето на книжевницата, истражувачка и преведувачка Грација Атанасовска. На 25 мај од 18:00 ч., ќе имаме прилика да ја погледнеме целата, реставрирана верзија на „Патот“ кој Јилмаз Ѓунеј го режира од затвор. Филмот следи шестмина турски и курдски затвореници кои одат во посета на своите стари животи додека се на еднонеделно отсуство по повод празникот Бајрам. За овој филм ќе говори професорката и теоретичарка на филмот Дина Јорданова. Ден пред затворањето (27 мај), во 18:00 ќе се одржи проекција на „Ќе умреш на дваесет“, визуелно раскошна парабола за судбината, слободата и тежината на верувањата, во режија на суданскиот режисер и продуцент Амџад Абу Алала за кој ќе ни зборува антропологот, етнологот и книжевник, проф. Илина Јакимовска.
Еден филм од Придружната програма овојпат ни се надоврзува на РП преку проекцијата на „Јилмаз Ѓунеј: неговиот живот, неговите филмови“ на 25 мај, 21:00 ч., кој е во режија на Џејн Милс и освен што филмот го портретира еден од најинтересните и најпрогонуваните филмски автори на 20 век, исто така е и манифест за филмот како врвно оружје на отпорот. По филмот ќе се одржи разговор со Габриеле Ш. Зиндлер и Донат Ф. Којш – продуцент на „Патот“ од Јилмаз Ѓунеј. Фестивалот ќе го затвориме со проекција на вториот филм од оваа програма, „Сценарија“ и придружното „Експозе“ од Жан-Лик Годар. На многу начини, „Сценарија“ е исто онолку филм колку што „Експозе“ не е документарец за снимањето на истиот тој филм. Но, ова е Годар и ова е многу повеќе од двете нешта заедно – ништо помалку од еден бесценет документ за смртноста, креативноста и незгасливата страст на француско-швајцарскиот мајстор, верен, до последниот здив, на својата радикална визија.
Претходните месеци (април-мај) се одвиваше Едукативната програма на 16. Филозофски филмски фестивал. Сегментот Средношколска видео лектира (СВЛ) започна на 9. април во Културно информативниот центар. Во соработка со Француската амбасада во Скопје, го прикажавме филмот „Омраза“ во режија на Матје Касовиц. Поврзување на филмот со годинешната тема „Анатомија на еден пад: „Засега е добро…“ или Зошто одбиваме да го гледаме распадот околи нас?“, од Конкурсот за најдобар фил(м)ософски есеј, направи Виктор Јованоски. Проекции се одржаа и во училишта низ дваесетина други градови низ Македонија, односно филмот го погледнаа околу 800 ученици. Најдобрите три есеи, по одлука на Стручната комисија, ќе добијат богати и разновидни награди од нашите соработници во овој едукативен сегмент.
Во склоп на оваа програма, се одржа и Работилница за млади со Стефан Палитов на 2 и 4 април во КСП Центар-Јадро на тема „Бренд (и) Идентитет“ на која младите филмофили од 17 до 25 години го разгледуваа формирањето на идентитетски наративи во контекстот на конзумеристичките општества. Конечно, сегментот наменет за најмалите, Фил(м)ософија со деца, се одржа на 15 април во ООУ „Браќа Миладиновци“ и ООУ „Блаже Конески“ во Скопје. Годинава темата на која размислуваа учениците е „Што е фер?“, а нивните размислувања беа потикнати од кратки филозофски провокативни видеа. Работилницата ја одржа нашиот експерт во оваа област, Мартин Поповски.
Постерот и визуелниот идентитет на Фестивалот го изработи Катарина Пренда, додека трејлерот е дело на Сара Панковска.

Македонски


