Skip to main content

Турист доби 1.000 евра оштета зошто никогаш немало слободни лежалки во хотелот во Грција

Германски турист на суд добил речиси 1.000 евра отштета откако неговото семејство не можело да добие лежалки покрај базенот за време на нивниот одмор во Грција, бидејќи на нив веќе имало крпи и биле „резервирани“ од други гости во раните утрински часови.

Станува збор за 11-дневен одмор на грчкиот остров Кос во летото 2024 година, за кој платил 7.186 евра во хотелот со 384 соби, неколку базени, места за релаксација и со пристап до плажа.

Мажот, чиј идентитет не е објавен, бил на одмор со сопругата и двете деца и пред Окружниот суд во Хановер тврдел дека лежалките биле заземени од 6 часот наутро, иако хотелот имал дрвени знаци што забрануваат резервација на лежалки со крпи без присуство на гости.

Незадоволен од однесувањето на другите гости, тој го пријавил проблемот во туристичката агенција, но му било кажано дека спроведувањето на хотелските правила е одговорност на хотелот. Тој, исто така, тврди дека не можел да го реши проблемот дури и откако контактирал со персоналот на хотелот, иако многу лежалки останале празни, но „резервирани“ секој ден.

Според пресудата, семејството станувало рано секој ден за да се обиде да најде место покрај базенот, но успеало само еднаш. Дури и тогаш лежалките ги користеле само тој и неговата сопруга, додека децата лежеле на крпи на подот.

Судот пресуди во корист на туристот во спор против туристичката агенција, заклучувајќи дека аранжманот бил неисправен, бидејќи потребите на семејството не биле задоволени.

Според германскиот закон, аранжманот за патување се смета за неисправен ако патувањето не ги обезбедува услугите и условите договорени при резервацијата. Затоа и во случајот, тужбата не е до хотелот туку до туристичката агенција, организатор на патувањето.

Судот соопшти дека хотелот и туристичкиот оператор не се обврзани да обезбедат лежалка за секој поединечен гостин, туку дека бројот на лежалки мора да биде пропорционален на бројот на гости во хотелот.

Судот, исто така, се осврна на фактот дека децата на туристите не можеле да стигнат до лежалка во текот на целиот одмор. Беше истакнато дека децата на возраст од 9 и 12 години имале „потреба и право“ да седат или лежат на лежалка, а не на подот.

Поврзани вести