Skip to main content

Мажот кој ја уби сопругата Милена е брат на македонскиот екс-конзул во Италија

Тешка семејна трагедија ја потресе Пјаченца, откако 55-годишната Милена Витанова, по потекло од Тетово, била пронајдена мртва во својот стан со повеќе убодни рани од нож.

Според италијанските медиуми, нејзиниот сопруг Хако Витанов телефонски признал дека ја убил сопругата, по што избегал од местото на настанот. Хако Витанов, исто така со потекло од Тетово и брат на поранешниот македонски конзул во Италија, Стојан Витанов.

Кога полицијата, пожарникарите и Итната помош пристигнале на адресата, вратата од станот била заклучена, па спасувачките екипи морале да влезат преку балкон. Внатре го пронашле телото на жената во локва крв, а во близина бил пронајден и нож за кој се сомнева дека бил употребен во нападот.

Истрагата покажала дека жртвата имала повеќе убодни рани и тешки повреди на главата.

Неколку часа подоцна, осомничениот бил пронајден на гробот на нивниот син Методиј, кој трагично загинал во сообраќајна несреќа пред шест години. Според медиумските извештаи, Витанов се обидел да си го одземе животот со пресекување на вените, но бил спасен и пренесен во болница под полициска придружба.

Семејството имало пет деца, а во моментот на трагедијата тие не биле во станот и се наоѓаат на безбедно место.

Случајот предизвика шок кај македонската заедница во Италија, како и кај жителите на Пјаченца, каде трагедијата повторно ја отвори темата за семејното насилство и неговите последици.

Поврзани вести