
Италијанскиот парламент денеска ги одобри измените на изборниот систем, со што премиерката Џорџа Мелони оствари важна политичка победа.
Долниот дом на италијанскиот парламент на тајно гласање со 227 гласа „за“ и 164 „против“, по повеќемесечна дебата, ја усвои реформата на изборниот закон.
Најважната иновација е воведувањето на еден вид бонус за мнозинство односно победничката предизборна коалиција би добила дополнителни пратенички места во двата дома на парламентот, под услов да освои најмалку 42 проценти од гласовите.
Владејачката коалиција предводена од Мелони тврди дека реформата ќе им овозможи на гласачите појасно да знаат која коалиција ќе ја формира владата и ќе ги намали постизборните преговори кои во минатото честопати водеа до нестабилни влади.
Опозицијата од левиот центар ја оспорува реформата, нарекувајќи ја „измамнички закон“, тврдејќи дека е неуставна и најави дека по стапувањето на законот во сила, ќе побара негово разгледување од страна на Уставниот суд на Италија.
Според новите правила, политичките партии кои сакаат да се натпреваруваат за бонусот за мнозинство ќе мора да се договорат за заеднички кандидат за премиер и заедничка политичка програма пред изборите.
Сегашниот италијански изборен систем предвидува околу една третина од парламентарните места да се избираат во едномандатни изборни единици на мнозинска основа, додека според новиот закон сите места би биле распределени пропорционално.(МИА)

Македонски


