
Мирните протести во Италија против високите трошоци за живот станаа насилни, како и во соседна Франција, објави денес италијанската новинска агенција АНСА.
Најголемиот протест беше во Милано, каде што маскирани млади мажи облечени во црно фрлаа петарди врз полицијата и поставија барикади на централниот плоштад Дуомо, јавува АНСА. Полицијата првично беше принудена да се повлече и да чека засилување.
Судири во кои демонстрантите фрлаа камења и пиротехнички средства врз полицијата избувнаа и во други градови, вклучувајќи ги Торино, Болоња и Бергамо. Само во Милано беа повредени најмалку четири полицајци и 20 демонстранти. Уапсени се повеќе од 50 лица, од кои половина малолетници.
Италијанската премиерка Џорџија Мелони го осуди насилството. Левичарскиот градоначалник на Милано, Џузепе Сала, исто така ги осуди немирите, но изрази и разбирање за незадоволството на луѓето.
Причините за протестот беа разбирливи. Но, насилството врз полицијата и големата штета предизвикана на градот не можат да се оправдаат“, рече тој.
Луѓето со ниски и средни приходи во Италија се особено тешко погодени од инфлацијата и високите цени на бензинот и дизелот, а во големите градови има и голема криза со домувањето, пишува dpa.

Македонски

