Skip to main content

Протестите во Европа против скапотијата не запираат, се појавија демонстранти и во Португалија

Бранот протести поради зголемените трошоци за живот, кој во последните недели ги зафати Шпанија и Франција, сега се прошири и во Италија, Португалија, Белгија и Албанија.

Во вчерашните насилни протести во Франција поради високите трошоци за живот, повеќе од 2.000 луѓе се уапсени, а над 500 полицајци се повредени. За време на немирите беа оштетени стотици деловни објекти. Александар Бомпар, претседател на Федерацијата за трговија и дистрибуција и извршен директор на „Карфур“, изјави дека се оштетени 1.500 трговски објекти. Штетата се проценува на стотици милиони евра.

По мирното утро, улиците на Париз попладнево повторно се исполнија со демонстранти, а тензијата расте пред вечерашното обраќање на претседателот Емануел Макрон. Меѓу присутните повторно се забележани членови на движењето „Жолти елеци“ – кое организираше масовни протести во 2018 година.

Полицијата се обидува да ја растера толпата, а исходот од ситуацијата во часовите пред говорот на Макрон останува неизвесен, пренесуваат француските медиуми.

Оваа недела наислни протести избувнаа и во Албанија. Демонстрантите се незадоволни од условите на универзитетите и високите школарани, а бараат и оставка од премиерот Еди Рама. На вчерашниот протест во Тирана тие фрлаа камења, молотови коктели и пиротехнички средства кон полицијата. За првпат откако започнаа протестите, полицијата употреби гумени куршуми. Немирите продолжија во текот на целата ноќ, при што згради на судови, банки и пошти беа запалени или сериозно оштетени. Овие немири доаѓаат по повеќемесечни антивладини протести, кои првично беа поттикнати од контроверзната изградба на туристички комплекс поврзан со семејството на американскиот претседател Доналд Трамп.

Протести има и во Португалија. Во Лисабон е поставена шаторска населба, слична на онаа што се појави во Мадрид пред три недели. Демонстрантите бараат итни мерки за справување со станбената криза и високите трошоци за живот. Стотици луѓе се собраа синоќа на плоштадот „Росио“, лоциран во туристичкото јадро на португалскиот главен град, по маршот на кој учествуваа илјадници граѓани од целата земја. Учесниците одлучија да ја поминат ноќта на плоштадот. Поставувањето шатори во Лисабон во саботата следеше по протест за станбеното прашање што започна во Порто, каде претходно беа поставени десетици шатори.

Во периодот од 2015 до 2024 година, цените на недвижностите во Португалија пораснаа за 124 отсто – што е приближно двојно повеќе од просекот во Европската унија. Кризата најтешко ги погодува младите луѓе и жителите на Лисабон. Околу една четвртина од 11-те милиони жители на Португалија живеат во пошироката област на главниот град.

Бранот протести поради зголемените трошоци за живот се прошири и во Италија. Во Милано дојде до судири со полицијата и палење имот. Маршот во центарот на Милано, организиран во саботата како реакција на зголемените трошоци за живот, започна мирно, но прерасна во насилство. Демонстранти со маски на лицата фрлаа камења и коцки од калдрма кон полицијата за разбивање демонстрации, а исто така запалија барикади направени од маси од угостителски објекти.

Полицијата употреби водени топови и солзавец за да ја растера толпата. Најмалку двајца полицајци се повредени, а приведени се околу педесет демонстранти, од кои многумина се малолетници.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека, иако протестирањето е право, тоа не вклучува и „палење на градовите“.

На социјалните мрежи таа напиша дека „хулигани“ ги искористиле протестите за да „предизвикаат хаос, да ги нападнат оние што се задолжени за одржување на безбедноста и да земат цели градови како заложници“.

Неколку стотици, главно млади луѓе, протестираа вчера и Белгија. Во центарот на Брисел дошло до судир на демонстрантите со полицијата, а немирите делумно се поттикнати од протестите во соседна Франција. Демонстрации се одржаа и во Лиеж и други градови.

Белгиските студенти велат дека протестираат поради зголемените трошоци за образование и реформи и дека стравуваат дека трошоците и реформите ќе го направат високото образование помалку достапно. Многумина од демонстрантите носеле маски и извикувале антифашистички слогани.

Незадоволството поради високите кирии и социјалната нееднаквост во Шпанија ескалираше минатиот месец. Повод за тоа беше иселувањето на 87-годишна жена која не можела да си дозволи зголемување на киријата за 230 отсто – покачување што го побарала инвестициската фирма која го купила нејзиниот стан. Случајот со Марија дел Кармен Абаскал – која во меѓувреме почина – поттикна улични протести и поставување камп во центарот на Мадрид.

Ова ја натера социјалистичката влада на премиерот Педро Санчез да предложи итни мерки насочени кон подобрување на пристапот до домување и заштита на станарите. Откако десничарските и крајно десничарските партии во парламентот ги отфрлија овие мерки, Санчез реагираше со распишување предвремени избори, кои треба да се одржат кон крајот на ноември.

Поврзани вести