Skip to main content
L-ARBeGHvXI

Не е први април: Филипче се спрема за првиот потпис како премиер

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче во поткастот „Риштази“ на Коха најави дека новиот закон за борба против корупцијата ќе биде првиот закон што ќе го потпише како премиер, потенцирајќи дека реформите во правосудството и неселективната правда се клучни за иднината на државата.

„Мора да се направат реформи во системот пред сѐ правосуден поради тоа што граѓаните тоа го барат. Тие реформи не можат да се направат без пристапните преговори со Европската Унија“, рече Филипче.

Тој оцени дека актуелната власт намерно избегнува вистински реформи и дозволува системот да остане без контрола.

„Поради тоа што на оваа власт ѝ одговара да нема контрола. Гледајте колку коруптивни тендери и постапки објавуваме во изминатиот период. Како реагираат правосудните органи? Како реагираше Обвинителството?“, истакна Филипче.

Филипче најави дека следната недела СДСМ ќе го презентира новиот концепт за борба против корупцијата.

„Да го најавам нашиот концепт за борба против корупцијата, кој што ќе го промовирам следната недела, на почетокот, понеделник или вторник, на брифинг во партиските простории, на кој што ќе го промовирам нашиот предлог-закон за борба против корупција“, порача Филипче.

Тој нагласи дека законот ќе биде изработен според естонскиот модел и ќе се темели на дигитализација како клучна алатка во спречување на корупцијата.

„Тоа ќе биде првиот закон што јас ќе го потпишам како премиер после следните избори, а се имитира естонскиот закон против корупција, кој што се темели на дигитализација“, истакна Филипче.

Примерот на Естонија покажува дека силни антикорупциски механизми и европски стандарди можат целосно да го трансформираат системот, додаде тој.

„Естонија е 12-та во борба против корупција, беше угушена во корупција додека не се реформираше по европскиот пат“, додаде Филипче.

Филипче потенцираше дека со промена на власта ќе следуваат реформи во правосудството, имплементација на новиот антикорупциски закон и воспоставување неселективна правда.

„Ќе се случат реформи во правосудството, имплементација на нашиот закон за антикорупција, неселективна правда ќе се случи“, порача Филипче.

Поврзани вести