Skip to main content

Проекција на кратки анимирани филмови на Крсте Господиновски и разговор со него денеска во „Котур“

Во кафе и филм „Котур“, на 7 мај со почеток во 20:00 часот, ќе се одржи проекција на кратки анимирани филмови на Крсте Господиновски, проследена со разговор со него.

Притоа ќе се прикажат „Неми филмови“ од 2025, „Небиднина“ од 2023 и „Готлиб“ од 2018 година. Приказната во „Неми филмови“ се одвива на залезот на немото кино, следејќи лик што се обидува да ја задржи славата од минатото. Филмот е снимен со куклена стоп-анимација во еден непрекинат кадар. „Небидина“, пак, е омнибус составен од четири анимирани кратки филма, инспирирани од четири поеми на Ацо Шопов. Автори се Жарко Иванов, Крсте Господиновски, Владимир Лукаш и Иван Ивановски. Во „Готлиб“, загубен и заглавен во лавиринтот на сопствената потсвест, главниот лик, Готлиб, грчевито се бори да го пронајде патот назад во реалноста.

Проекцијата на филмови на Господиновски е вториот од промотивните настани што го најавуваат осмото по ред издание на фестивалот на филм и музика „Sирни“, кое ќе се одржи од 28 септември до 5 октомври, на повеќе локации.

Крсте Господиновски е македонски режисер, познат по својот радикален, експериментален стил и по моќните анимирани филмови. Автор кој со својата работа остава длабок печат врз македонската кинематографија, а неговиот успех на домашен терен и на меѓународните фестивали дополнително зборува за тоа. Анимираниот филм го користи како медиум за критика, што го прави впечатлив глас во европска филмска кинематографија, како и голема мотивација за новите генерации филмаџии. Наградата од публиката на претходното издание на „Ѕирни“ му припадна токму на „Неми филмови“, последниот филм на Господиновски.

Поврзани вести