Skip to main content

Пандора Апостолоска Саздовска на Меѓународна изложба на жени уметници во Шпанија

Меѓународна изложба на жени уметници  „АРС ВИЗИБИЛИС VII“ ќе се одржи на 8 мај 2026 година во 20 часот во MECA Mediterráneo Centro Artístico – Медитерански Центар за Уметност (Алмерија, Шпанија) и ќе трае до 22 мај 2026 година.

Темата на изложбата ја истражува позицијата на жената во современиот свет, фокусирајќи се на структурите на родова нееднаквост. 

Куратори се Роза Муњоз Бустаманте (директорка на центарот) и Фернандо Барионуево (визуелен уметник). 

Изложбата обединува 46 уметници од различни културни контексти и земји како Шпанија, Јапонија, Бразил, Јордан, Романија, Македонија, Австрија, Шведска, Русија, Аргентина, Франција, Белгија и Сенегал.

Делото на македонската уметница Пандора Апостолоска Саздовска ја третира жената во состојба на воена криза. 

Насловот TERR(OR)ITORY функционира како повеќеслојна семиотичка структура во која зборот territory (територија) е насилно расцепен од зборот terror (насилство), со што уште на лингвистичко ниво се укажува на суштинската поврзаност меѓу територијата и стравот. 

Во оваа интервенција, просторот повеќе не е неутрална географска категорија, туку поле на конфликти, интереси и идеолошки проекции, каде што моќта се воспоставува преку насилство. Борбата за експлоатацијата на човечки тела преку трговија со луѓе, овде се појавува како скриен двигател на конфликтите. 

Историјата на војните постојано сведочи дека телото на жената станува поле на симболичка и физичка окупација. Во таа смисла, TERR(OR)ITORY ја разобличува војната како форма на институционализиран грабеж, легитимиран преку дискурсот на „безбедност“ и „национален интерес“ и ја преиспитува самата логика на легитимноста, кој одлучува што е „одбрана“, а што е „агресија“?

Воените зони произведуваат специфична демографија на ранливост. Во таков контекст, територијата не е само простор на вооружен судир, туку и нелегален пазар. Телото станува територија што може да се поседува, контролира и експлоатира. Таа метафорична конверзија, од земја како ресурс кон тело како ресурс, ја проширува логиката дека теророт не се врши само врз границите, туку врз самата човечка егзистенција особено врз женската популација. 

Војната создава „сиви зони“ на неказнивост, каде што правниот вакуум и корупцијата овозможуваат експлоатацијата да се институционализира. Во таа смисла, војната се појавува како институционализиран грабеж, не само на ресурси, туку и на човечки животи, идентитети и иднини. 

Естетски, делото може да се чита како визуелна археологија на насилството и во својата суштина, не зборува само за конкретни војни или региони, туку за универзалниот модел на човечка агресија. 

Пандора Апостолоска-Саздовска е визуелна уметница, активистка и истражувачка. Уметничката практика на Апостолоска-Саздовска е насочена кон меѓучовечките односи, истражувајќи ги аспектите на војната и насилството како политички и социолошки феномен. Во својата богата творечка кариера има реализирано изложби во музеи, галерии и во центри за современа уметност, вклучувајќи ги и: Музејот за современа уметност во Македонија, Музејот на Марк Ротко во Латвија, национален музеј во Кина, Центарот за современа уметност во Абу Даби, Универзитетот за уметност и дизајн во Аман, Јордан, Универзитетот во Шаржа, Обединетите Арапски Емирати, 19. Азиско биенале во Бангладеш, 58. Biennale di Venezia во Centro Culturale Don Orione Artigianelli во Италија, 14. Biennale di Venezia di Architettura Palacio Albrizi во Италија, Шпанија, Мароко, Катар, Тунис, Египет, Азербејџан, Саудиска Арабија, Швајцарија, Австрија, Белгија, Германија, Хрватска, Словенија, Русија, Индија, Монголија, Кореја.. За својата работа, таа е наградена од Европскиот град на културата UMEA во 2014 г., во Париз, Франција, меѓу другите признанија, грантови и студиски престои. Во 2017 г., беше визитинг професор на Катедрата за визуелни уметности на Универзитетот за уметност и дизајн во Шаржа, Обединетите Арапски Емирати, а во 2023 визитинг професор на Универзитетот во Сокотра, Република Јемен.

Поврзани вести