
Комисијата за прашања на изборите и именувањата одржа седница на која спроведе интервјуа со пријавените кандидати по Одлуката за објавување на јавен оглас за избор на член на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Седницата ја отвори Ѓорѓија Сајкоски, претседател на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, а со неа понатаму раководеше претседателот на Комисијата за селекција, Игор Здравковски.
Кандидатите Катерина Зајковска, Марија Катралова-Китанов, Владимир Клековски, Тања Левајковиќ и Милка Муратовска ги изложија своите ставови и визии пред членовите на Комисијата, како и пред заинтересираната јавност.
Пратениците, претставниците на невладините организации и институциите имаа можност непосредно да поставуваат прашања во врска со нивното досегашно професионално искуство, нивните идни планови како членови на Државната комисија за спречување на корупцијата, како и прашања од областа на спречувањето на корупцијата.
По завршувањето на интервјуата со сите кандидати, претседателот на Комисијата информираше дека во рок од три дена Комисијата за селекција ќе изготви ранг-листа на кандидати. Врз основа на истата, Комисијата за прашања на изборите и именувањата во рок од два дена ќе достави предлог за избор на член на Државната комисија за спречување на корупцијата до Собранието.

Македонски



