
Синоќа свечено беше затворено 27. издание на Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола. Жирито во состав: актерката од Обединетото кралство Керолајн Бернс – Кук, театарската критичарка Анџелина Роска од Молдавија и актерот Кире Ѓоревски донесе одлука да ги додели вака фестивалските награди.
Награда за најдобар актер за Јано Изорија од Грузија за монодрамата „КВАРКВАРЕ“ на театар „Поти Валеријан Гунија“.
„Со брилијантна изведба исполнета со силен темперамент, енергија и внатрешна напнатост, актерот успеа да го задржи вниманието на публиката од првата до последната минута. Неговата игра се одликува со богатство на актерски изразни средства, креативност и елеганција, при што секој гест и интонација се во служба на целовито и длабоко уметничко изразување.“ – се вели во образложението.
Наградата за најдобра режија замина кај Жива Бизовичар за монодрамата „ЏЕКИ“ на Драмски театар.
„Претставата се издвојува со суптилна режисерска работа и органско водење на актерката низ различни психолошки состојби, создавајќи континуиран и веродостоен сценски тек. Прецизното градење на темпо-ритамот и внимателно изградената сценска атмосфера ја прават оваа претстава силно и интегрирано сценско доживување.“ – објаснува жирито.
Истата монодрама доби и Награда од публиката.
Двете награди ги прими актерката Трајанка Илиева – Вељиќ, на која после 20 години кариера ова и било прва награда.
Гран при на фестивалот доби монодрамата „#НОТИ“ од Романија на театар „Тони Буландра“ со актерката Андреа Танасе, која ја прими наградата.
„Современ театарски проект кој на впечатлив начин ги обединува физичкиот театар, психолошката димензија и темите на идентитетот и социјалната маска. Со силна сценска експресија и внимателно обликувани сценски елементи, претставата создава моќно и длабоко емоционално сценско искуство.“ – образложи жирито.
Во чест на наградените се одигра претставата „Гидионовиот јазол“ на Драмски театар – Скопје.

Македонски


