Skip to main content

Сали на средба со ирскиот министер Бирн: Проширувањето на ЕУ треба да донесе конкретен напредок за земјите што спроведуваат реформи

Во рамките на официјалната посета на Ирска, првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, остварил средба со ирскиот министер за европски прашања, Томас Бирн. Во фокусот беа проширувањето на Европската Унија, европската перспектива на земјава и билатералната соработка.

Министерот Сали ја истакна континуираната поддршка на Ирска за правичен, предвидлив и меритократски процес на проширување, како и значењето што ирското претседателство со Советот на ЕУ му го придава на ова стратешко прашање. Тој нагласи дека политичката посветеност треба да се преточи во конкретни одлуки и резултати за земјите кандидати што ги исполнуваат критериумите и ги спроведуваат реформите – стои во соопштението на МЕП.

На средбата биле разгледани реформите во владеењето на правото и јавната администрација, Реформската агенда и Планот за раст за Западен Балкан, како и можностите за постепена интеграција во политиките и единствениот пазар на ЕУ пред полноправното членство.

Сали нагласил дека придобивките од интеграцијата треба да бидат видливи за граѓаните и компаниите. Како пример било посочено учеството во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), кое, според податоците во материјалите за средбата, донело проценети заштеди од над пет милиони евра.

Од Министерството наведуваат дека двајцата соговорници го истакнале и значењето на институционалната соработка, размената на експертиза и јакнењето на административните капацитети, како и потребата идната повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ за 2028–2034 година да го одрази проширувањето како стратешки приоритет.

Министерот Сали ја потврдил посветеноста на Македонија на реформите и полноправното членство во ЕУ, нагласувајќи дека пристапниот процес мора да остане кредибилен, правичен и заснован на мерливи резултати.

Поврзани вести