Skip to main content

Клековски на маргините на 12. Турски медицински светски конгрес одржа неколку билатерални средби

 Министерот за здравство Сашо Клековски објави дека на маргините на 12. Турски медицински светски конгрес денеска одржал неколку билатерални средби.

На својот фејсбук профил тој посочува дека со министерката за цивилни работи на Босна и Херцеговина Дубравка Бошњак разговарал за оживување на договорите за соработка во здравството, и дека прв чекор може да биде соработка меѓу универзитетските клинички центри во Сараево и Скопје во трансплантацијата на матични клетки, со заменик-министерката за здравство и социјална заштита на Албанија вонр. проф. Еугена Томини разговарал за соработка во областа на лековите и вакцините, а со министерот за здравство на Киргистан, Дамирбек Осмонов дефинирале точки од заеднички интерес во здравството и фармацијата.

Добрата соседска и меѓународна соработка значи подобри и побрзи решенија!, напиша Клековски. 

Претходно, како што соопшти Министерството за здравство, Клековски се обрати на конгресот, кој се одржува во Истанбул под мотото „Иновативно здравство: отпорни здравствени системи наспроти глобалните здравствени закани“, во оганизација на турското Министерство за здравство и Институтот за здравство на Турција.

Глобалните здравствени предизвици бараат заеднички одговори. Затоа Македонија останува отворена за соработка со сите партнери што ја споделуваат визијата за модерни, иновативни и отпорни здравствени системи – истакна Клековски во своето обраќање, честитајќи му на турскиот народ 103 години од прогласувањето на Република Турција и посакувајќи мир и благосостојба.

Дигиталната трансформација на здравството е еден од приоритетите на Министерството, каде што Турција има значајно искуство. Министерот Клековски притоа ја нагласи и соработката со Турција.

Република Турција за нас е долгогодишен и искрен пријател и значаен партнер – рече Клековски.

Тој посочи дека Турција изградила значајни капацитети во производството на лекови, вакцини и медицински помагала и во здравствените технологии. Според него, постои простор за соработка меѓу двете земји, во дигиталното здравство, истражувањето, иновациите и трансферот на технологии.

Предвидено е Клековски да се сретне и со министерот за здравство на Турција, Кемал Мемишоглу. 

Поврзани вести