
На третата фестивалска вечер од РУТА во Драмски театар Скопје, на големата сцена „Ристо Стрефановски“ ќе биде прикажана претставата „Змејот“ во режија на нашата Нела Витошевиќ, а во продукција на Местно гледалишче љубљанско.
„Змејот“ гостува во Скопје откако претходно освои три признанија на фестивалот „Театар на раскршћу“ во Ниш: Нела Витошевиќ ја доби наградата за режија, Игор Васиљев за сценографија, а Јелена Проковиќ за костимографија.
Во град во кој страшен Змеј владее со векови, можеби најстрашното не е самиот тиранин. Жителите одамна се навикнале на неговата власт, ја прифаќаат, некои дури и му се восхитуваат, а кога Ланселот доаѓа да ги ослободи, тие се обидуваат да го разубедат. Што се случува кога Змејот ќе падне, а змејот во луѓето ќе остане? Евгениј Шварц ја сместува својата политичка сатира во свет на бајка, иронија, сарказам и апсурдно комични ситуации, во текст напишан во 1944 година и забранет веднаш по премиерата. Денес звучи морничаво препознатливо.
По „Мојот маж“, Нела Витошевиќ се враќа на РУТА со претстава за механизмите на моќта, послушноста и илузијата дека е доволно само да се собори тиранинот.
Во главните улоги се Себастијан Каваца како Змејот и Филип Самобор како Ланселот. Каваца е едно од најпрепознатливите словенечки актерски имиња во регионот, а телевизиската публика го знае и од хит-сериите „Беса“ и „Сенки над Балканот“, како и од филмот „A.I. Rising“. Во актерската екипа се и: Мојца Функл, Ива Крајнц-Багола, Ајда Смрекар, Урош Смолеј, Матевж Слуга, Тјаша Железник, Тања Димитриевска, Лена Хрибар Шкрлец, Вероника Железник, Шпела Ловрец, Јулита Кропец, Џозеф Нзобандора–Хозе и Нејц Језерник.

Македонски

