Skip to main content

Озрен Грабариќ во улога на Салвадор Дали во „Contra mundum“ на Центарот за култура Тиват вечерва на РУТА во Драмски театар

Вечерва, на 30 октомври, во 20 часот на големата сцена на Драмски театар Скопје ќе биде изведена монодрамата „Contra mundum“ на Центарот за култура Тиват со хрватскиот актер Озрен Грабариќ во улога на светски познатиот ликовен уметник Салвадор Дали. Освен Грабариќ, на сцената има и шест музичари.

Претставата досега има 12 фестивалски награди на само три фестивалски гостувања. Меѓу нив се признанија за најдобра претстава, режија и актерско остварување, како и награди од публиката во Заечар и Вршац. На „Пургаторије“ Озрен Грабариќ беше прогласен за најдобар актер, а во Вршац претставата освои дури пет награди.

Гениј или шарлатан? Уметник или сопственото најголемо уметничко дело? Инспирирана од автобиографијата „Тајниот живот на Салвадор Дали“, „Contra mundum“ не ја раскажува биографијата на Дали. Во концепт и режија на Вељко Миќуновиќ, претставата влегува во неговиот ексцентричен свет и си поигрува со границите меѓу генијалноста и провокацијата, уметноста и животот, слободата и правилата. Прашањето не е само кој бил Салвадор Дали, туку што значи да останеш свој во свет што постојано бара да се вклопиш.

Во центарот е Озрен Грабариќ, кој само три вечери претходно на РУТА го гледаме во „На чија страна“, а овде целосно влегува во светот на Салвадор Дали. На сцената со него се шест музичари: Аљоша Закиќ на труба, Ѓорѓе Кујунџиќ на саксофон, Коста Вукашиновиќ на тромбон, Ања Риѓешиќ на пијано, Марко Ќурчиќ на контрабас и Немања Тасиќ на тапани. Театар, музика и Дали во една од најнаградуваните продукции што годинава доаѓаат на РУТА.

Поврзани вести