Skip to main content
Развојната банка задолжена за транспарентност

Уставниот суд утврди незаконско ускратување на информации од јавен карактер на новинар

Уставниот суд утврди повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата на новинарот Давид Илиески и ја задолжи Развојната банка на Македонија, во рок од осум дена по објавата на одлуката во „Службен весник“, да ги достави бараните информации од јавен карактер. Според Уставен, одлуката, донесена едногласно, претставува значаен преседан за заштита на правото на пристап до информации и за јакнење на транспарентноста и отчетноста на институциите.

Судот утврдил дека станува збор за повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата која била сторена со дејствие, во форма на пропуштање, односно неизвршување на обврзувачка одлука од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер (АСПИ). Имено АСПИ ја обврзала Развојна банка како имател на информации да ја спроведе одлуката и да ги достави бараните информации на новинарот. Иако обврзувачко, по ова Решение не било постапено.  

Во оваа постапка, како што дополнуваати, бил спроведен „трипартитниот тест во демократско општество”, кој го применува Европскиот суд за човекови права, со цел да оцени дали ограничувањето било оправдано, или постои повреда на слободите и правата. 

Согласно првиот услов од овој тест, дали мешањето е пропишано со закон, (дали Развојна банка имала законска поткрепа да не ги доставува информациите), Уставниот суд оценил дека непостапувањето на Развојната банка по извршно решение од АСПИ со кое се наложува на новинарот да му се достават сите барани информации не може да се смета дека е ограничување пропишано со закон, туку напротив, станува збор за ограничување спротивно на закон. Според Уставен, повикувањето на банкарска тајна како аргумент да не се споделат информациите не може да претставува законска основа за ограничување на правото.

Во однос на вториот услов, дали постои легитимна цел да не се споделат сите побарани информации, Судот ја земал предвид заштитата на доверливи податоци како можна легитимна цел, но во конкретниот случај тоа веќе било предмет на оценка од надлежен орган, односно АСПИ утврдил дека не постојат причини за ограничување на информациите. Па согласно наведеното, наведуваат дека повторното повикување на истата основа од страна на Развојна банка не може да се смета за оправдано.

При анализата на третиот услов – неопходност во едно демократско општество, од анализата на предметот произлегло дека ваквото непостапување на Развојната банка, не само што не е неопходно, туку е и спротивно на принципите за транспарентност и отчетност, особено кога станува збор за информации од јавен интерес. Самото неизвршување на конечното решение, според Уставен, го поткопува и владеењето на правото. 

Анализирајќи ги сите услови, Судот утврди дека во овој случај, имателот не може да се повикува на доверливи информации, па поради тоа да не ги сподели бараните податоци и затоа постои мешање во слободата на изразување, незасновано на легитимна цел и не е неопходно во едно демократско општество, со што е сторена повреда на правото на подносителот да прима информации, како составен дел од слободата на изразување“, велат од Уставен.

Станува збор за новинар кој побарал информации кои се однесуваат на користење на финансии, односно јавни средства од страна на Развојна банка-субјект во државна сопственост, што несомнено претставува прашање од јавен интерес. Дополнително, Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во два наврати утврдила дека имателот на информации – Развојна банка е должен да му ги достави сите информации на барателот, во целост, со што му го признава правото на пристап до тие информации. Но и покрај извршното решение, Развојната банка не постапува, туку делумно го прифатила барањето, односно споделила агрегирани податоци за бројот на поддржани компании, поделени по сектор година и кредитна програма, но не и список или база на податоци со сите компании (и проектите) кои добиле кредити од Развојна банка во период од 01.01.2020 до денот на добивање одговор на барањето, компании што добиле под-заеми преку комерцијални банки во рамки на кредитни линии финансирани или координирани од Развојна банка. 

Стојалиштето на Уставниот суд е дека правото на пристап до информации од јавен карактер е составен дел од слобoдата на изразување, односно правото да се примаат информации. Имено, слободата на примање и пренесување информации претставува нормативна разработка на слободата на јавното изразување на мислата бидејќи таа е нераскинлив дел од пошироката слобода на изразување. Повредата на слободата на јавно информирање не е само процесна туку се трансформира во континуирано попречување на правото да се примаат информации, а со тоа попречување на слободата на јавно изразување на мислата“, посочуваат од Уставен.

Оваа одлука на Уставниот суд е од голема важност бидејќи, како што дополнуваат, Судот за прв пат во своето постоење, ја примени можноста што ја дава самиот Акт во член 57 и го определи начинот и рокот на отстранување на последиците кои се сторени со дејствието со кои тие права и слободи биле повредени.

Поврзани вести