
Исполнета до последно место, синоќа салата на Национлната опера и балет вриеше од кубанска страст и заразен ритам.
Националниот џез оркестар вечер (НЏО) го одржа концерт „Cuban Jazz Explosion“ со кубанскиот музичар со светска кариера Ален Перез и неговата осумчлена ритам-секција „La Orquesta“. Настанот беше дел од европската турнеја „La Fiesta Tour“, која ја носи автентичната енергија на кубанската музика на најзначајните сцени низ Европа.

Харизматичните кубанци ја освоија скопската публика со непосреден и разигран настап. Веселата атмосфера владееше со просторот, надополнета со публика која не издржа да не стана и заигра. Ален Перез како вистински шоумен ја анимираше публиката со шармантен пристап и како што рече „ со универзалниот јазик на душата – музиката“.
Перез е мултиинструменталист, пејач, композитор и продуцент со интернационална кариера. Своето светско признание го стекна како член на легендарниот состав „Irakere“ и преку долгогодишната соработка со фламенко иконата Пако де Лусија.
Во текот на својата кариера Перез соработувал со некои од најголемите имиња на светската музичка сцена, создавајќи препознатлив звук кој ги обединува салсата, тимбата, џезот и фламенкото во енергична и автентична звучна целина. Добитник на престижните награди Греми – Grammy Awards и Latin Grammy Awards признанија, тој денес се смета за еден од најзначајните претставници на современата афро-кубанска музика.

Македонски


