Skip to main content

Националниот џез оркестар организира концерт посветен на 40-годшината кариера на Сашко Николовски

На 28 октомври, Националниот џез оркестар ќе приреди јубилеен концерт посветен на 40-годишната уметничка кариера на нивниот драг член, долгогодишен соработник, истакнат тромбонист, аранжер и композитор – Сашко Николовски. Концертот ќе се одржи во Национлната опера и балет.

Овој концерт претставува омаж на една кариера што зад себе остава длабока трага во современата македонска музичка култура. Публиката ќе има можност да слушне избор од авторските композиции и аранжмани на Сашко Николовски, но и дела од други значајни македонски автори и соработници – Трајче Велков, Зоран Костадиновски, Гордан Спасовски, Џијан Емин, Иван Петровски и други.
Под диригентската палка на Џијан Емин, концертот ќе понуди музичка приказна што ги обединува различните периоди, соработки и влијанија кои ја одбележале четиридецениската кариера на Сашко Николовски.

Како еден од најактивните музичари на нашата сцена, Сашко има реализирано безброј концерти во земјава и надвор од неа. Со професионален ангажман во оркестарот на Националната опера и балет сè од 1986 година, тој низ децениите остава длабок печат во бројни состави: како член на Квартетот тромбони, со концерти во Сплит, Омиш, Макарска и Хвар, во оркестарот на МРТВ, бендот на Тоше Проески, Националниот џез оркестар, Гоце Стевковски Септет и многу други.

Како круна на неговото долгогодишно творештво се појавува и неговиот прв авторски проект – албумот „Not for Sale“, на кој свират дел од најпрепознатливите имиња на домашната џез-сцена, обединувајќи осум композиции инспирирани од класичните и модерните текови на џезот.

На концертот ќе настапат и специјални гости, меѓу кои Сашо Гигов-Гиш, Дарко Мучев – Мучо, Стефче Стојковски и Теодор Стојковски – Катин.

Билетите за концертот може да ги набавите онлајн на https://mktickets.mk/event/njo-sashko-nikolovski/ и на продажните места на MKTickets.

Билети со 50% попуст за студенти и пензионери ќе бидат достапни на денот на концертот, еден час пред почетокот, на билетарницата на Националната опера и балет, со приложување соодветен документ.
Билетите може однапред да се резервираат на: [email protected]

Поврзани вести