
Чекалните кај матичните лекари и во дежурните амбуланти во Скопје се полни со пациенти со акутни инфекции. Во текот на изминатата ноќ, во шесте дежурни пунктови на Здравствениот дом Скопје биле прегледани 152 лица.
Според лекарите, кај помладите пациенти најчесто се забележуваат симптоми слични на грип и ковид, додека кај повозрасните почести се проблемите со покачен крвен притисок. Околу една третина од прегледаните имале висок притисок, триесетина се пожалиле на болки во грлото, а останатите побарале помош поради главоболки и стомачни тегоби.
Лекарите велат дека кај дел од пациентите со акутни инфекции подоцна се појавуваат и проблеми со долниот респираторен тракт. Некои биле упатени на дополнителни испитувања откако терапијата не дала резултат, а кај дел од нив бил утврден и ковид.
Докторката Ангица Станоевска вели дека симптомите што се забележуваат деновиве може да упатуваат и на присуство на грип.
„Она што се случува во моментот, оваа недела, укажува дека е можно инфлуенцата да е тука. Грипот и вообичаено пристигнува во овој период, пред да почне вакцинацијата, а кај пациентите гледаме клиничка слика што многу наликува на инфлуенца“, изјави Станоевска.
Таа посочи дека неколку пациенти повторно биле упатени на дијагностика и изолација, а лекарите ги очекуваат резултатите од испитувањата.
Според Станоевска, ковид и грип најчесто се регистрираат кај работоспособното население и кај децата на училишна возраст, кај кои контактите се чести и блиски. Постарите засега поретко се јавуваат во амбулантите со симптоми на грип.
Во меѓувреме, според најавата на министерот за здравство, од среда треба да почне имунизацијата против грип. Во земјава се обезбедени 30.000 вакцини, а до вчера за вакцинација се пријавиле околу 25.000 граѓани. Приоритет ќе имаат лицата со сериозни здравствени состојби и граѓаните постари од 65 години.

Македонски

