Skip to main content

Мора да се внимава каде се вложуваат средствата, тоа е клучот за функционално високо образование

Принтскрин од видео /

Мора да се внимава каде се вложуваат средствата. Тоа е клучот за функционално високо образование.​Овој закон беше повеќе насочен кон решавање на проблемите од претходното решение од 2018 година. Сметам дека во иднина треба да размислуваме за реформи, а не само за решавање проблеми, особено во делот на вложувањата, кажа денеска Александар Николовски, кој е дел од координативното тело за реформи во високото образование и досегашен претседавач на Националното студентско тело и претседател на Универзитетското студентско собрание на УКИМ.

На Универзитетот „Мајка Тереза“ Владата вложува 42 милиони евра за Универзитет со околу 2.000 студенти. Ова е најголемата инвестиција во последните 18 години. ФИНКИ и Факултетот за физичка култура: Инвестицијата од 2015 година изнесува околу 20 милиони евра за 6.000 студенти. ​УКИМ (2025): Капиталните инвестиции изнесуваат само 245.000 евра за 23.000 студенти. Државен универзитет во Тетово: Добива 100.000 евра инвестиции за 7.000 студенти. ​Состојба на терен е следна: На Педагошкиот факултет во Битола нема настава во зима бидејќи нема парно. Студентите од Медицинскиот факултет во Штип одат на пракса во Скопје бидејќи клиничката болница во Штип не е изградена. На УКИМ протекуваат кровови и е ладно. Од седум домови, само два се реновираат. Состојбата во домот во Охрид е ужасна; тоа не се услови во кои студент треба да живее, кажа денеска во Владата Николовски.

Денеска во Владата се одржа прес-конфренција на премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука Весна Јаневска која беше посветена на пакет закони за високото образование.

Трите закони за високо образование и наука (за високо образование, за квалитет на високото образование и за научноистражувачка дејност) се во владина процедура. Тие од јануари беа поставени на националниот регистар за прописи (ЕНЕР) и беа организирани дебати на универзитетите по што прифатливите забелешки беа вградени во новите верзии.


Николовски на прес-конфренцијата кажа дека студентите навистина биле вклучени во давањето на предлози во работните групи и процесот бил навистина инклузивен.

Но, би сакал да укажам на неколку предизвици со коишто во моментов се соочуваме, а се во однос на самиот Закон за високо образование и во однос на целата поента, бидејќи високото образование постои за студентите. Тоа не е мала група на дел од населението, бидејќи опфаќа околу 55.000 студенти. Како клучно барање, Националното студентско тело, коешто треба да биде претставник на сите студенти во државата, не е никаде вклучено во самиот Закон за високо образование. Тоа беше клучно барање на сите универзитетски студентски собранија (вкупно 11 кои се функционални). Имавме неколку состаноци со министерката, ги знаеме предизвиците; беше кажано дека во одредени членови само ќе се напомене Националното студентско тело како тело кое ги претставува студентите на ниво на држава, кажа Николовски.

​​Тој говореше за мандатите на претставниците во универзитетските студентски добранија и демократски процеси.

Во делот на мандатите на претставниците во универзитетските студентски собранија, ние никаде немаме побарано тие да траат четири години (две години со можност за реизбор). Нашето барање беше тие да траат две години. Сметаме дека доколку мандатите траат четири години, процесот не е демократски. Некој да биде четири години претставник на ниво на универзитет или факултет не им дава можност на другите генерации да се вклучат во работата. Исто така, бараме намалување на бројот на членови во Универзитетскиот совет (претставници на студентите и на Сенатот), кажа Николовски.

​За кумулативниот просек и наставен кадар Николовски вели:


​Во однос на кумулативниот просек кој се зема за прием на нов кадар (член 161), предвиден е просек од најмалку 8,00 на студиите од прв и втор циклус. Проблемот е што кумулативниот просек ги маскира разликите меѓу циклусите. Еден кандидат може да има просек 6,00 на додипломски и 10,00 на магистерски студии, бидејќи некои факултети не даваат услов за просек 8,00 при запишување на магистерски студии.

​Во однос на функционалноста на Координативното тело за реформи во високото образование, претседателот на Владата напомена дека ќе се направи сè за да се задржат младите.

Јас тоа го почитувам, но на овој состанок само јас сум претставник на младите (имам 25 години). Другите претставници од младинските организации не се тука бидејќи состанокот беше закажан вчера во 14:00 часот — ниту 24 часа порано. Доколку сакаме инклузивни процеси, мораме да бидеме известени навреме. Сметаме дека имаме што да кажеме и сакаме да помогнеме, изјави Николовски.



Поврзани вести