
Образованието е најмоќното оружје кое можете да го искористите за да го промените светот. Долго време во нашата држава се правеа експерименти со нешто кое не смее да биде предмет на импровизација – со образованието. Токму образованието е фундаментот врз кој се гради секое општество, порача премиерот Христијан Мицкоски.
Кога се прават погрешни чекори тука, последиците ги чувствуваат генерации. Не само денес туку и утре. Долго време високото образование трпи големи штети поради тоа што такво законско решение се донесе во 2018-тата година. Не чинеше едно, се донесе уште полошо. Намалени прагови за напредување во звања, намалена научна продукција, намалена финансиска поддршка за универзитетите донесоа и намален квалитет. Во исто толкав период не е спроведена ниту една сериозна евалуација, ниту се нотирани слабостите, ниту се предложени суштински решенија. А потребата за промена е очигледна. Како Влада не можеме да си дозволиме да замижиме и да оставиме уште една изгубена деценија позади нас. Ова е наша одговорност и наша должност – истакна премиерот.
Мицкоски посочи дека затоа избрале поинаков пристап.
Веруваме дека напредокот не се гради преку наметнување туку со партнерство. Денес имаме воспоставен вистински партнерски однос со академската заедница. Добрата намера беше препознаена и заедно работевме на креирање на нов закон за високото образование кој ќе одговори на реалните предизвици и ќе отвори нови перспективи – рече премиерот.

Македонски


