
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, денеска повика на продолжување на сериозните преговори за завршување на војната на Блискиот Исток и ги повика Израел и Либан да „работат заедно“.
„Нема воено решение за оваа криза. Мировните договори бараат постојана политичка посветеност и волја. Сериозните преговори треба да продолжат“, изјави Гутереш пред новинарите во седиштето на ОН во Њујорк, осврнувајќи се на разговорите одржани минатиот викенд во Пакистан меѓу Техеран и Вашингтон.
Според него, договореното двонеделно примирје треба да се зачува, а слободата на пловидба во Ормуската Теснина треба да ја почитуваат сите страни.
Запрашан за почетокот на директните разговори меѓу Израел и Либан, Гутереш рече дека никој не очекува тие разговори да ги решат сите прашања.
„Ќе биде многу важно ако овие разговори создадат услови за промена во однесувањето на актерите“, рече Гутереш, обвинувајќи го и Израел и либанското движење Хезболах за дестабилизација на либанската Влада.
„Време е Израел и Либан да соработуваат, наместо Либан да биде жртва на оваа негативна комбинација на Хезболах и израелските дејствија“, додаде Гутереш.
Војната на Блискиот Исток започна на 28 февруари со нападите на САД и Израел врз Иран. Подоцна, на 2 март, Израел започна со бомбардирање на јужен Либан, каде што се наоѓа упориштето на Хезболах, поддржано од Иран.

Македонски


