
Денеска на Одделот на хирургија на Клиниката за трауматологија, ортопедски боелсти, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) беа пуштени во употреба шест сали кои се комплетно реновирани, а во наредниот период ќе бидат реновирани уште четири сали, со помош од Владата.
Ито така, очекувам дека од почетокот на летото ќе имаме можност да видиме уште еден проект којшто ќе биде завршен, а тоа е во болницата „8 Септември“, каде што исто така ќе имаме супер модерни операциони сали и со тоа ќе бидеме практично држава број еден во регионот, кога станува збор за ваков тип на операциони сали, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Министерот за здравство Азир Алиу кажа дека проектот за 10-те хируршки сали во кампусот „Мајка Тереза“ чини 282 милиони денари.
Задоволство е да се биде дел од резултатите од проектот 10 оперативни сали којшто денеска веќе ги промовираме шест од нив. Сали коишто навистина имаат светски квалитет, гаранција 100 години на инфраструктурата внатре, мобилни сали коишто исто така ќе можат и телемедицина да се вгради, се со цел да може и асистенција од надвор, но исто така и да се овозможи учество учење од далечина, за да може нашите студенти од амфитеатар да следат дел од операциите, а да не бидат дел од физички дел на оперативните сали. Наредниот период ќе бидеме сведоци уште на четири такви сали во оваа клиника, во кампусот „Мајка Тереза“. Исто така продолжуваме и со новите инвестиции како Влада, изјави министерот за здравство Алиу.
Директорот на ТОАРИЛУЦ, д-р Игор Мерџаноски рече дека проектот за 10 сали е направен во два дела поради тоа што не сакале да запре работата во терцијарното здравство.

Проектот е направен во два дела поради тоа што не сакавме да ја запреме работата во терцијарното здравство, затоа што знаеме дека ова е најголемиот столб на здравството и давање на здравствени услуги со оперативно лекување. Го поделивме проектот заедно со Министерството за здравство на два дела, се договоривме, така да дел од едните хируршки гранки коишто гравитираа и работеа на страна на делот каде што е сега реновиран, беа префрлени и ги поделивме салите во стариот дел којшто ќе треба да се реновира. Тоа значи дека листите на чекање не трпеа, затоа што клиниката ТОАРИЛУЦ работеа напорно во овој период, и некои дури трисменски, ако сте веќе запознаени со тоа, ние имавме и некои објави за тоа. Така што се трудиме листата на чекање постојано ја намалуваме, иако имаме голем притисок према терцијарното здравство со лекување на вакви пациенти, изјави д-р Мерџановски.
Според директорот на ТОАРИЛУЦ, вториот дел на проектот ќе бидат останатите четири сали.

Така што со планот и програмата на Владата на Република Македонија, којашто во последниве скоро две години многу инвестира во здравството, ќе добиеме оперативен блок којшто е со светски стандарди. Така што, нашите специјализанти, млади доктори, доктори коишто ги праќаме на обука во странските центри, ќе имаат можност да работат во истите услови во коишто работат и сите светски доктори и европски доктори. Тоа значи дека веќе се качуваме на мапата со здравството и со сите нови методи, сите нови апаратури, оперативни сали, инфраструктури на ниво на светската мапа на здравствениот систем, изјави д-р Мерџановски.

Во одговор на новинарско прашање, проф. д-р Мерџановски рече дека во проектот е влезена и нова хируршка сала којашто се наоѓа во Ургентниот центар. Тоа е сала којашто ќе помогне да се зголеми обемот на операции од типот на еднодневни операции.
Исто така, таа сала ќе се користи како сала којашто ќе помогне за сите тие пациенти коишто имаат инфекции и коишто треба да се извршат ампутации на одредени екстремитети од пациенти коишто се шетани низ државата. Иако сега засега добро ги менаџираме, ги препраќаме, неколку клиники се вклучени во тоа, сега ќе имаме можност тие пациенти бидат комплетно изолирани надвор од хируршкиот блок и да се работат во посебна сала каде што нема да ги загрозат другите пациенти коишто треба да се оперираат, изјави д-р Мерџановски.

Македонски


