
Изложба посветена на „Часословот” на Јаков од Камена Река, беше отворена синоќа во домот на културата ,,Иван Мазов – Климе” во Кавадарци. На настанот беше кажано дека делото претставува гордост, духовно сведоштво и национално богатство.
– Приказната за Јаков од Камена Река започнала во далечната 1566 година. Само еден век по пронаоѓањето на печатарската машина од страна на Јоханес Гутенберг, Јаков од Камена Река-од денешна Македонска Каменица заминал во Венеција, каде ја закупил или купил и ја возобновил печатницата на Божидар Вуковиќ. Таму, за само три и пол месеци, од 15 мај до 30 август 1566 година, го отпечатил ,,Часословот” на црковнословенски јазик. Станува збор за книга со формат 13 на 18 сантиметри и 522 страници, богато украсена со 27 верски цртежи и 11 орнаменти. Еден добро сочуван примерок денес се чува во НУБ „Св. Климент Охридски” во Скопје, појасни Марина Убавкова, модератор, културен координатор и уметнички соработник на настанот.
Таа подвлече дека „Часословот” е една од најстарите книги на црковнословенски јазик и сведоштво за раната писменост и духовност на нашиот народ.
Тоа наследство, како што додаде, не е само минато, тоа е поттик за афирмација и секојдневна употреба на кирилицата во образованието, културата и јавниот живот.
– Оваа изложба се реализира во рамки на Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река”, што од 2023 година се одржува во организација на ЗГ „Надеж-Норе” од Македонска Каменица. Фестивалот го чествува ликот и делото на Јаков, поддржува македонски автори од различни области и ја поттикнува љубовта кон македонскиот идентитет, културното и фолклорното богатство и традицијата, истакна Убавкова.
Постојаната изложба на „Часословот” се состои од 39 панели.
– На секој панел е претставена репродукција од оригиналната страница на левата страна, а на десната компјутерска адаптација и превод на македонски јазик. Преводот е дело на епископот Делчевско-каменички г. Марко, а дизајнот и дигиталната типографија се на Ласко Џуровски, кој го создаде и фонтот „Јаков”, појасни таа.
Патем додаде дека изложбата досега е поставена во повеќе градови, сведочејќи дека ова дело живее и патува, допирајќи до нови генерации.
– Фестивалот, под раководство на директорот Миле Горѓијоски, во текот на целата година организира промоции на писатели, изложби, гостувања во училишта, конкурс за краснопис, работилници за калиграфија и прогласување на најчитан домашен автор и најактивна библиотека. Меѓу досегашните добитници на признанија се истакнати имиња од науката и културата, меѓу кои и академик Љупчо Коцарев, како и бројни институции и заедници во земјата и дијаспората, додаде Убавкова.
МИА

Македонски



