Skip to main content

Големи нешта на повидок

Изминативе десетина дена, се случуваат драматични настани во меѓународните односи на Македонија. Во ред, драматични настани и промени се случуваат низ целиот свет, но конкретно за нас, интересно е што може да се случи барем еднаш коцките да се наредат во наша полза.
Серијата почна со одлуката на Совет на Европа да ја запре мониторинг мисијата на македонските демократски и политички процеси. Ова е особено значајно што доаѓа во време кога и СДСМ и ДУИ (а и Бугарија) се обидуваат да покренат прашања за македонските демократски процеси кон политичките и етничките малцинства (особено смешни се СДСМ кои сметаат дека не им се дозволува слободно да шират паника за мигранти).
Одлуката на Стразбур беше следена со договор со Вашингтон, со кој се определува рамката за договор за трговија. САД досега постигнаа вакви договори со само 20-ина држави, при што ниту една не е од нашиот регион, а условите се слични на тие што САД и и ги дадоа на Европската Унија. Меѓу државите се клучни политички сојузници на Трамп како Аргентина, Јапонија, Тајван и Ел Салвадор, а познато е дека за да дојде до овој значителен успех, македонската Влада директно разговараше со високи функционери на американската Влада. Ова претставува високо ниво на односи кое обично не сме го имале – а кога сме го имале, причината била што САД вршат некаква безбедносна интервенција на Балканот која обично завршувала на наша штета. Освежувачки е да се види вакво ниво на координација со Вашингтон од страна на Влада предводена од ВМРО, а притоа темата на разговор да бидат финансиски прашања, а не кој дел од историјата или територијата треба да го отстапиме на соседите.
Во заднината на овие крупни настани, течат подготовките за реализација на договорот со Британија, од кој очекуваме сериозна финансиска и техничка поддршка за изградба на еден стратегиски проект – железничка линија од Грција до централна Европа. Воедно, со овој договор се заокружува соработката со западните сили кои не се во ЕУ. Не смееме да заборавиме колку активна беше Британија во минатото, во поддршка на обоената револуција во Македонија. Затоа и видовме исклучително нервозна реакција на СДСМ, кои решија прекуноќ целосно да го сменат својот пристап кон едно клучно прашање за балканска држава – миграцијата –  и да се обидат крајно комично да се ребрендираат во крајно десничарска партија, само и само со цел да го намалат позитивниот јавен одек на овој договор. СДСМ разбираат дека во догледно време нема да можат да сметаат на поддршка од САД, а сега ни од Британија, за нивните Изногуд шеми за доаѓање на власт со интервенција од надвор. За СДСМ ова е сериозна причина за паника. СДСМ обично се партијата која власта ја добива преку доминација на дипломатските коктели и седенки во Скопје, од каде произлегуваат кампањи за рушење на власта на ВМРО и носење на меѓународните миленици на власт – обично со драматични последици по државата. Повеќе од финансиските ефекти од договорите со САД и Британија, политичките ефекти, очекуваната политичка стабилност, отповикувањето на шарените агентури и прифаќањето на Вашингтон и Лондон дека со Македонија во наредниот период ќе управува про-македонска опција, е неопходно за развојот на државата.
Но сите овие неспорни меѓународни успеси ги засенува најавата за драматичен пресврт во најболната точка за Македонија – децениски заглавените евро-интеграции. Откако СДСМ успеаа да ја прокоцкаат промената на името без да договорат сигурно и брзо членство во ЕУ, за очекување беше дека македонската јавност ќе реагира остро на било какви барања за натамошни отстапки. Од друга страна, Бугарија, осоколена од отстапките кои ги добија Грција и од целосниот колапс на македонските позиции под режимот на Заев, се утврди во своите максималистички позиции и едноставно реши да ја копира грчката стратегија, да ја држи Македонија надвор од евро-интеграциите, и да чека, ако не добие се што замислила сега, да го добие под некоја идна СДС-ДУИ влада. Овој пристап, очекува, драстично ги влоши односите меѓу двете земји, па и двата народи, но бидејќи Македонија традиционално нема силен поддржувач во рамките на ЕУ (интервенција од САД, Унгарија или Британија во случајов би можела да биде дури и контрапродуктивна), се најдовме во целосен застој.
За сега да почнеме да слушаме најави дека овој застој може да биде надминат на начин за кој веќе дискутиравме на овие страници – со лајт верзија на членство во ЕУ.
https://republika.mk/kolumni/lajt-chlenstvo-vo-eu/
Накусо, се работи за опција според која новите членки не би имале право на вето, право на глас, ниту пак евро-комесари, но би ги имале сите други економски и политички права како и полноправните членки во ЕУ. Целосна економска интеграција, слобода на движење и работа, пристап до фондовите на ЕУ.. а без злоупотреби на ветото од страна на нашите соседи за нивните билатерални историски барања (влезот во ваков вид на членство би бил без право на вето пред се за да се избегне унгарското вето за Украина, за која се подготвува целата оваа акробација, а Македонија би можела да биде колатерален добитник од целиот процес).
Накусо, имаме шанса нашите интеграции да се решат на најповолниот можен начин – влез со квалификувано мнозинство, нашите балкански соседи да престанат да ги злоупотребуваат институциите ан ЕУ за да ни наметнуваат балкански решенија на нас, а прашањето на целосно членство и историските прашања да се остават за некое посреќно време. СДСМ веќе одбија ваков предлог во минатото, веројатно затоа што навистина им верувале на европските лидери дека ги донеле на власт за да ја внесат Македонија во ЕУ, што може да остане запишано како една од најголемите стратегиски грешки што ги направиле. Јасно е дека оваа македонска Влада нема да ја направи истата грешка по вторпат.
Приемот во ЕУ/НАТО со квалификувано мнозинство е нешто за што СДСМ во минатото им се потсмеваа на вмровските претставници, како на пример Мартин Треневски, кога ќе го спомнеа како можна опција. А сепак, денес веќе ни е јасно дека Македонија имала прилично силна рака во средината на минатата деценија кога САД притискаа да влеземе во НАТО по секоја цена, што го потврди и тогашниот грчки премиер Ципрас. Наместо да го искористиме моментот, да стоиме цврсто на своите позиции, и да го решиме спорот за името на начин на кој отстапките нема да бидат 100 проценти на наша штета, ние се претворивме за полигон за тестирање на тактики на обоени револуции, lawfare по американски терк и го добивме најлошиот можен договор. Бугарија, сепак, не е Грција, се работи за два многу блиски народи, и на секој во Бугарија што искрено посакува добри односи со Македонија исто така треба да му лекне од оваа можност, спорот да се надмине/замрзне, а двете страни да го добијат (дел од) тоа што го бараат.
Србија и Албанија веќе го прифатија овој нов модел на евро-интеграции. Особено за Србија, ова би било сериозен пресврт, бидејќи приемот би подразбирал и значително менување на надворешната политика, но во исто тоа ја зголемува и привлечноста на целата шема – ЕУ и Западот да убедат една проблематична држава да ја смени ориентацијата.
Да не брзаме, ова сепак е само бледа најава за нешто што може да се случи. Но, очигледно разговорите се напреднати до одредено ниво, а тоа најдобро можеме да го процениме по изразената нервоза во СДСМ. Веќе спомнавме како панично реагираа на договорот со Британија. Деновиве ги гледавме и како се обидуваат да ги претстават настапите на премиерот Мицкоски во Давос (каде се сретна со врвните американски трговски претставници по што следеше најавата за трговски договорот со САД) и во Минхен (каде разговараше со претседателот на Европскиот Совет Коста по што почнавме да слушаме за новиот модел на евро-интеграции) како некаков неуспех, затоа што немало доволно фотографии од средбите. „Нашиот Заев беше во Давос и имаше слики со Ципрас и Сорос, зошто вие немате слики од средбите? Нели бевме во периметарот, каде ви е периметарот?“, кокодакаат од СДС. Еве ви го периметарот. Заев го поканија во Давос да го продаде името далеку, далеку под цена (во ред, лично очигледно добро се обезбедил, само не требаше сите пари да ги стави во лесно запленливи наркотици). Во меѓувреме, од периметарот, видовме дека САД ги размонтираа разузнавачките УСАИД структури за организирање обоени револуции низ светот, од кои Македонија особено имаше штета. Западот дозволи формирање на про-македонска власт. Врвната западна инвестиција во македонската политика – ДУИ – која под СДСМ дојде на ниво веќе да биде де-факто главната владеачка партија во Македонија, е на подолготраен одмор. Гледаме дека нема политичка заштита ниту за втората најголема западна инвестиција во Македонија – СДСМ – додека конечно почнуваат да се испитуваат сериозните криминали од времето на Заев. Глобалните проблеми како што се тарифите на Трамп ги решаваме во од, поуспешно од соседните држави. И еве сега, добиваме некаква најава дека и најголемиот геополитички проблем кој ни е обесен околу врат, може да се реши.
Каде е периметарот?
Разгледајте наоколу. Живеете во него.

Поврзани вести