Skip to main content

„Магичната флејта на Вулфи“ е весел книжевен омаж на Моцарт

Моцарт бил чудо од дете, вистински гениј и духовит човек. Музиката ја сфаќал како игра, па кога свирел, сите околу него биле среќни.“Инспирирана од музиката на генијалниот композитор Волфганг Амадеус Моцарт, авторката и музиколог Тина Иванова ја креирала приказната за сликовницата „Магичната флејта на Вулфи“. Станува збор за втор наслов (по „Златната книга на Лудви“) од најновата едиција за деца „Музичка кутија“, во која ќе бидат собрани пет илустрирани волшебни приказни инспирирани од најголемите музички гении на сите времиња. Книгите се во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Нежно визуелно дополнување на книгата се илустрациите на Рената Јосифовска.Книгата беше промовирана во саботата (21 февруари) во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“. Промоцијата беше збогатена со камерна претстава за деца – со нарација на приказната од книгата, актерска игра на малата Гала и музичка изведба од пијанистот Дино Имери и флејтистката Будимка Имери, со избор од богатиот опус на Моцарт.
Промоторката на книгата, уредничката Бисера Бендевска, откри дека „Магичната флејта на Вулфи“ раскажува за малечкиот, пргав и љубопитен Вулфи, чија истражувачка мисија го води до визбата на неговиот татко, каде што ќе ја пронајде волшебната флејта. Токму таа ќе му помогне да го развие својот музички талент.Тина Иванова истакна дека Вулфи е олицетворение на Моцарт каков што го знаеме од неговата музика и приказни – темпераментен млад човек со нескротлив дух и силно чувство за компонирање безвременска музика.
– Моцарт не престанал да биде дете, не застанал во идејата дека на животот треба да гледаме како на магија. Затоа креативноста кај него течела како река. Се запрашав: можам ли да го замислам Моцарт во сосема друго издание, во друга улога, можам ли да го гледам со други очи, освен со оние со кои сум го гледала (слушала) откако сум станала возрасна? Така тргнаа мислите да создадам своја приказна во која би се пронашло секое дете, чинам. Овде малиот Вулфи е опишан како пргав, палав, енергичен, смешен, полн со енергија и, пред сè, многу љубопитен. Исто како Моцарт… Во приказната има и малку хумор, и малку фантазија, и малку едукација – вели Иванова и додава дека најважно ѝ било низ сосема нова приказна повторно да се покаже карактерот на Моцарт, кој силно се чувствува во неговата музика, а тоа да не биде биографска белешка. Се надева дека музиката „се слуша“ додека се чита приказната.Магичната флејта е симболичен предмет во сликовницата. Таа за авторката го симболизира токму она по што трага секој човек, секое дете – целта, мотивот, тркалото што ја движи креативноста. Во случајов тоа е флејтата, и поради познатата опера на Моцарт „Волшебната флејта“, неговата последна опера, изведена два месеци пред смртта. Доколку Вулфи можеше да им порача нешто на децата што првпат ќе ја читаат оваа сликовница, Иванова вели дека тоа би било: „Да го негуваат немирниот дух, оти тој ќе ги однесе во многу предели, ќе гледаат разни хоризонти. Да го задржат својот истражувачки дух, затоа што тоа е клучот кон создавање нешто, што било. Да останат љубопитни до крајот на животот, затоа што тоа е истовремено и порив за учење што човекот треба да го практикува додека е жив. И, на крајот, да не се откажат од идејата дека вербата, ако е силна, ќе им донесе радост.“За крај авторката потенцираше дека децата треба да се запознаваат со класичната музика уште од најрана возраст – преку книги и приказни.
– Мошне е важно да растат со класична музика, со музика изведена на акустични инструменти, со музиката на Моцарт и Бах, која има чиста форма, јасни мелодии, убави, смирувачки хармонии, ритам што често е репетитивен… Музиката на Бах е структурирана, логична, речиси математичка, и таа помага во препознавање обрасци, во создавање ред и хармонија. Моцарт, пак, со својата јасност и рамнотежа, ја поттикнува концентрацијата и вниманието. Важно е и во изградбата на вкусот и во поттикнување на креативноста – за многу нешта што подоцна позитивно ќе влијаат врз животот на децата.Книгата веќе е достапна во поголемите книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.

Поврзани вести