
Со промоција на блу-реј издание на „Македонска крвава свадба“, во Кинотека денеска се одбележа Светскиот ден на аудиовизуелното наследство.
Македонскиот филм на Трајче Попов од 1967 година, всушност претставува екранизација на истоимената драма на Војдан Чернодрински од 1900 година. Филмот беше дигитализиран во 2025 година како дел од проектот „Сезона на филмски класици“, инициран и координиран од Асоцијацијата на европски кинотеки (АЦЕ) и поддржан од програмата Creative Europe MEDIA на Европската Унија.
Директорот на Кинотека, Бошко Грујоски рече дека денеска се одбележува 27 октомври – Светскиот ден на аудиовизуелното наследство, прогласен од УНЕСКО, ден посветен на значењето на филмот, фотографијата, звучните записи и другите аудиовизуелни документи како сведоштва за нашето минато и како дел од колективната меморија на човештвото.
Тој истакна дека аудиовизуелното наследство не е само збирка на стари филмски ленти, фотографии и звучни записи. Тоа е живо сведоштво за времето во кое настанало, нагласи директорот, за луѓето што го обликувале, за општествата во кои живееле и за вредностите, идеите и противречностите што ги одбележале нивните животи.
Но, ова наследство е и исклучително ранливо. Филмските материјали се подложни на физичко пропаѓање, а технолошките промени постојано наметнуваат нови предизвици за нивното зачувување и понатамошна достапност. Токму затоа, работата на филмските архиви и кинотеките има особено значење. Нашата задача не е само да ги зачуваме филмовите како физички материјали, туку да обезбедиме тие да продолжат да живеат – да бидат достапни, да се прикажуваат, да се истражуваат и да комуницираат со новата публика – нагласи директорот.
Кинотека, рече тој, преку својата архивска, истражувачка и издавачка дејност, како и преку процесите на дигитализација и дигитална реставрација, континуирано работи на зачувувањето на македонското филмско наследство.
Денешното одбележување на Светскиот ден на аудиовизуелното наследство го посветуваме на едно од најзначајните остварувања во историјата на македонската кинематографија – филмот „Македонска крвава свадба“ на режисерот Трајче Попов, снимен во 1967 година, според истоимената драма на Војдан Чернодрински – додаде тој.
Притоа, тој истакна дека ова издание е резултат на посветената работа на Кинотека во областа на заштитата, реставрацијата и дигитализацијата на македонското аудиовизуелно наследство. Преку современи процеси на дигитална обработка, внимателно се обновени сликата и звукот на филмот, со цел да се зачува неговата автентичност и да се овозможи нов живот за ова значајно дело пред современата публика. Дигиталната реставрација овозможува современата публика повторно да го доживее филмот речиси онака како што бил гледан при неговото прво прикажување – со обновена слика, почист звук и зачувана емоционална сила што и денес подеднакво допира.
Дигитализацијата и дигиталната реставрација на „Македонска крвава свадба“, беа реализирани во 2025 година со помош на Министерството за култура и туризам, во рамки на проектот „Сезона на класични филмови“, координиран од Асоцијацијата на европски кинотеки, со поддршка на програмата „Креативна Европа МЕДИА“ на Европската Унија. Денеска, со промоцијата на изданието, правиме уште еден чекор во насока на зачувувањето и пошироката достапност на ова значајно дело. Верувам дека токму во ова се состои суштината на нашата работа – да го зачуваме минатото, но, истовремено, да му овозможиме да биде дел од сегашноста и да остане достапно за иднината – рече директорот.
Филмологот Александар Трајковски пред присутните ги претстави предизвиците при дигитализацијата на овој исклучително значаен филм.
„Македонска крвава свадба“ беше еден од поголемите предизвици, пред сè, поради тоа што е филм што веројатно сите го имаат гледано и сите имаме некое мислење за тоа како тој треба да изгледа и слично. Голема среќа имаме што за материјалот имаме можност да имаме добро сочуван негатив материјал од филмот – рече, меѓу другото, Трајковски.
Филмологот Дамјана Патчева, истакна дека во својата богата издавачка продукција, Кинотеката денес го додава и овој филмски класик, кој претставува значајно надополнување на збирката блу-реј изданија посветени на македонските филмски класици.
Притоа додаде дека дигиталната реставрација на „Македонска крвава свадба“ е особено значајна затоа што ѝ овозможува на домашната публика повторно да го доживее филмот во неговата обновена верзија, а на помладите генерации да се запознаат со едно од репрезентативните дела на македонската филмска традиција.
Во 2025 година, во рамките на проектот „Сезона на филмски класици“, Кинотеката, со поддршка на Асоцијацијата на европските кинотеки АСЕ, ја реализираше дигиталната реставрација на филмот. Кинотеката учествува во овој европски проект пет години по ред, придонесувајќи кон зачувувањето и промовирањето на македонското филмско наследство – појасни таа.
Покрај дигиталната реставрација, во рамките на проектот, додаде таа, беше организирана и специјална проекција на филмот во летното кино на Кинотеката.
Со цел неговата достапност да се прошири и надвор од киносалата, проекцијата беше пренесувана во живо преку Јутјуб-каналот на Кинотеката, овозможувајќи й на публиката од другите градови во земјата, како и на гледачите надвор од Македонија, да го проследат ова значајно културно случување. Истата недела, беа организирани и повеќе проекции за учениците од средните училишта да го погледнат овој филм, бидејќи станува збор за книжевно дело што е дел од лектирите за трета година средно училиште – рече таа.
Патчева појасни дека во рамките на проектот „Сезона на филмски класици“, Кинотеката досега дигитализираше и дигитално реставрираше повеќе значајни македонски филмови, меѓу нив – „Мирно лето“, „Фросина“, „Мементо“ и „Мис Стон“, како и кратките етнолошки филмови „Мариовска свадба“, „Велигденски обичаи“ и „Русалиски обичаи“.
„Сезона на филмски класици“ беше една исклучително значајна европска иницијатива што за жал престана во 2025 година, што овозможи повторно откривање и афирмација на значајни филмски дела, со посебен акцент на културната разновидност и богатството на европската филмска историја. Преку ваквите проекти, македонските филмови добија можност да стигнат до нова публика и да станат дел од поширокиот разговор за европското аудиовизуелно наследство – истакна таа.
Притоа потсети дека режиран од Трајче Попов во 1967 година, „Македонска крвава свадба“ е филмска адаптација на истоимената драма на Војдан Чернодрински, првпат изведена во Софија во 1900 година, по сценарио на Славко Јаневски. Преку приказната за страдањето, отпорот и борбата за слобода, филмот обработува теми што ја надминуваат конкретната историска рамка и продолжуваат да комуницираат со публиката и денес.
Во филмот настапуваат некои од најзначајните имиња на македонското актерство: Ристо Шишков, Петре Прличко, Зафир Хаџиманов, Драги Костовски, Дарко Дамески, Коле Ангеловски, Љупка Џундева и Вера Чукиќ, која ја толкува улогата на Цвета. Нивните остварувања придонесуваат за трајната уметничка и културна вредност на ова дело – нагласи Патчева.
Таа рече дека значењето на филмот не се исцрпува само во неговата приказна и актерските остварувања. Преку прикажувањето на народните обичаи, песните, танците, носиите и свадбените ритуали, тој претставува и драгоцено сведоштво за културната меморија. Филмот ни овозможува да зачуваме и повторно да откриваме делови од едно време, од начинот на живот и од историското искуство на заедницата.
Вечер во Кинотеката со почеток во 20 часот ќе биде прикажан „Тетовирање“, со што ќе се одбележат 35 години од премиерата на филмот и 80 години од раѓањето на актерот Мето Јовановски. Модератори на настанот ќе бидат режисерите Јане Алтипармаков и Саша Станишиќ.

Македонски

