
Во Социјалниот центар Дуња во Скопје, на 28 февруари во 20,30 часот ќе се одрижи концерт на Amplidyne Effect Trio и Добрила Грашеска.
Amplidyne Effect Trio е концертна поставка на проектот Amplidyne Effect на Мартин Георгиевски, активен од 2009 година и препознатлив по својот амбиентален, електронски и импровизациски звук. Проектот има објавено повеќе изданија и настапувано на фестивали како Pohoda Festival, Десонанз, Live Soundtrack, PNEM Sound Art Festival и други.
Во трио форматот, Amplidyne Effect се претставува заедно со Владимир Мартиновски (тамбура, кавал, удиралки) и Соња Димитриоска (флејта), создавајќи слоевит звучен пејзаж во кој амбиенталните текстури и електронските елементи се преплетуваат во слободна форма.

Специјална гостинка на концертот е Добрила Грашеска, македонска вокалистка и авторка активна од 2006 година, препознатлива по работата со Чалгија Саунд Систем и Добрила и Дориан Дуо. Ова е нивен втор заеднички концерт, продолжување на една искрена и природна музичка соработка која органски се развива низ импровизација и заеднички звук. Добрила има објавено неколку албуми (Чалгија Саунд Систем, ТИХУВАЈ, Апокриф, Пиле шарено), а два нови проекти се во подготовка. Настапувала на фестивали како Rudolstadt, Sfinks, Colour Meeting Festival, Festival Aux heures d’été, Etnosoi!, Sarajevo Jazz, Offest, и има соработувано со бројни регионални и меѓународни автори, како и на музика за филм, театар и мултимедија.
Концертот е целосно импровизиран, со фокус на моменталната интеракција, звучната текстура и спонтаното градење на музичката атмосфера.
Дизајнот на постерот е на Мартин Георгиевски и Владимир Мартиновски, реализиран со внимателен избор и адаптација на илустрации од автори чии дела се во Public Domain.

Македонски



