Skip to main content

МВР доби опрема вредна милион евра: Роботи и рендген уреди за борба против експлозиви

Телескопски манипулативни раце, детектори и рендген уреди за откривање експлозивни средства, фибер-оптички камери, како и специјализирано возило за транспорт се дел од најновата донација што Министерството за внатрешни работи ја доби од Амбасадата на САД.

„Во рамки на денешните активности во кругот на Министерството за внатрешни работи присуствував на предавањето на донација од Амбасадата на САД – најсовремена опрема за нашата Единица за откривање и демонтирање на експлозивни средства“, информира министерот Панче Тошковски.

Донацијата, вредна околу еден милион евра, според него, претставува уште една потврда за силното стратешко партнерство и пријателството меѓу Македонија и САД.

„Со оваа високософистицирана опрема, која се состои од роботи, бомбашки одела, телескопски манипулативни раце, детектори и рендген уреди за откривање експлозивни средства, фибер-оптички камери, како и специјализирано возило за транспорт, директно вложуваме во заштита на човечки животи и во безбедноста на нашите полициски службеници кои се справуваат со најсложени задачи“, наведува Тошковски.

Тој упати искрена благодарност до Амбасадата на САД за континуираната поддршка, обуките и довербата што ѝ ја даваат на македонската полиција.

„Продолжуваме заедно да ги јакнеме капацитетите на МВР и да градиме посигурна и побезбедна држава“, напиша Тошковски на Фејсбук.

Поврзани вести