
Излезноста на вонредните парламентарни избори во Србија до 17 часот достигна 60,8 отсто, според проценката на ИПСОС и на ЦеСИД. Податокот е добиен врз основа на 750 избирачки места и 91,1 отсто обработен примерок, пренесува Плусинфо.мк.
Станува збор за значително повисока излезност во споредба со претходните парламентарни избори во декември 2023 година. Трендот на засилено гласање беше видлив уште од утринските часови, кога пред дел од избирачките места беа забележани редици.
РИК измери 56,38 отсто до 16 часот
Последниот официјален пресек на Републичката изборна комисија (РИК) покажува дека до 16 часот гласале 56,38 отсто од запишаните избирачи. Речиси идентична проценка објави набљудувачката мисија ЦРТА – 56,4 отсто, со маргина на грешка од плус или минус 0,9 процентни поени.
Регионалните податоци на РИК покажуваат дека до 16 часот највисока била излезноста во Војводина – 58,76 отсто, по што следува Белград со 57,68 отсто. Во Шумадија и западна Србија гласале 55,29 отсто, а во јужна и источна Србија 53,34 отсто од избирачите.
Разликата во однос на изборите во 2023 година е голема. Тогаш до 16 часот гласале 42,36 отсто од избирачите, што значи дека денешната излезност во истиот временски пресек е повисока за околу 14 процентни поени. И претходните пресеци го покажуваа истиот тренд: до 14 часот денес гласале 46,53 отсто, наспроти 32,38 отсто во 2023 година.
Извор: plusinfo.mk

Македонски

