
Нов бран насилство ги одбележа студентските протести во Тирана, каде што демонстрантите се судрија со полицијата пред канцеларијата на премиерот на плоштадот „Скендербег“. Според информациите на албанските медиуми, до инцидентот дошло откако дел од демонстрантите почнале да фрлаат камења кон полициските сили, кои возвратиле со солзавец за да ја растераат толпата, пренесува ТВ21.
По полициската интервенција, демонстрантите привремено се повлекле, но дел од нив подоцна повторно се вратиле на плоштадот и продолжиле да фрлаат камења и факели кон полицијата. Според медиумските извештаи, има и приведени демонстранти, но засега не е соопштен нивниот број. Полициските сили и учесниците на протестот и понатаму се наоѓаат на плоштадот.
Насилните сцени доаѓаат по протестите во саботата, кога исто така избувнаа судири меѓу полицијата и демонстрантите, а беше причинета значителна материјална штета. Маскирани учесници фрлаа молотови коктели, петарди и камења кон полицијата, која одговори со солзавец и водени топови.
Во текот на протестите биле фрлени и шишиња со бензин кон зградите на Министерството за земјоделство и Општина Тирана, по што избувнале пожари на главните влезови. Бил запален и киоск во близина на Банката на Албанија.
Студентските протести во Албанија траат веќе 13 дена. Тие започнаа поради незадоволството од состојбата во образованието, високите трошоци за студирање и ограничените можности за вработување на младите, но прераснаа во пошироки демонстрации против владата на премиерот Еди Рама. Дел од демонстрантите бараат негова оставка.
Во меѓувреме, Рама денеска претстави нов пакет мерки против, како што ги нарече, „насилството и урбаната анархија“. Меѓу предвидените мерки се и казни до 5.500 евра за лицата кои ќе оштетуваат туѓ имот за време на демонстрациите.

Македонски

