
Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп ќе го одбележи 76-от роденден со четири претстави во рамките на програмата „Роденденска недела“, која ќе се одржи од 16 до 21 февруари на Сцена 105 во Центарот за култура „Марко Цепенков“.
Програмата започнува на 16 февруари во 20 часот со гостување на ансамблот на Велешкиот театар со претставата „Синиот портокал“, во режија на Александар Ивановски. Во улогите се Фаик Мефаилоски, Жарко Спасовски и Благојчо Стојанов.

На 17 февруари публиката ќе ја гледа монодрамата „Фетишист“, во копродукција со Народниот театар од Битола и со актерот Здравко Стојмиров. Претставата прикажува извртената реалност на еден човек кој, и покрај тешкотиите од минатите војни и личните борби, успева да најде задоволство во својот замислен свет.

На 18 февруари следи „Делириум тременс“, продукција на Театарска работилница Прилеп. Претставата ги истражува односите помеѓу уметниците и работниците, нивните соработки, антагонизам, љубов, страст и морално-етички дилеми. Оваа претстава е наградувана на неколку интернационални фестивали, вклучувајќи две награди на „Алба моно“ во Албанија и една на Нишвил Џез и театарски фестивал во Србија.

На 19 февруари, Прилепскиот театар ќе ја изведе психолошко-политичката драма „Црнила“, во режија на Дејан Пројковски. Претставата ја разгледува ерозијата на индивидуалната совест под притисок на колективниот мит и ја открива слабоста на човековата етика во затворен систем на заговори и идеолошка дисциплина. Вистинските „црнила“ се антрополошки и се појавуваат кога човекот ја губи способноста за сопствено мислење и морален избор.

Истиот наслов ќе гостува на 21 февруари во МНТ во Скопје, продолжувајќи ја роденденската програма на прилепскиот театар.

Македонски



