
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека Европа треба да се подготви за понатамошни судири со САД и оти неодамнешниот „гренландски момент“ треба да се сфати како повик за будење за спроведување на долго одложуваните економски реформи и зајакнување на глобалната моќ на Европската унија.
Во интервју објавено во неколку европски весници, Макрон рече дека Европа не треба да го замени привременото смирување на тензиите со Вашингтон за трајна промена, и покрај привидниот крај на споровите околу Гренланд, трговијата и технологијата.
– Кога постои јасен чин на агресија, мислам дека она што треба да го направиме не е да попуштиме или да се обидеме да постигнеме спогодба. Мислам дека таа стратегија ја испробувавме со месеци. Не функционира, изјави Макрон за неколку весници, вклучувајќи ги Монд и Фајненшл Тајмс.
Макрон оцени дека администрацијата на Трамп е „отворено антиевропска“ и оти се стреми кон „распаѓање“ на ЕУ.
– САД во наредните месеци, тоа е сигурно, ќе нè нападнат поради дигиталната регулатива, додаде Макрон, предупредувајќи на потенцијалните американски увозни царини доколку ЕУ го искористи својот Закон за дигитални услуги за контрола на технолошките компании.
Францускиот претседател повторно повика на ново заедничко задолжување, како што се еврообврзниците, тврдејќи дека тоа би ѝ овозможило на ЕУ да инвестира во големи размери и да ја оспори хегемонијата на американскиот долар.
Макрон исто така нагласи дека француско-германско-шпанската програма за воени авиони (ФЦАС) не е мртва и изрази надеж оти наскоро со германскиот канцелар Фридрих Мерц ќе разговара за плановите за напредок на тој проект.
На новинарско прашање дали проектот ФЦАС е мртов, Макрон одговори: „Не“.
– Француската процена е дека ФЦАС е многу добар проект и не сум слушнал ниту еден германски глас кој би ми рекол дека тоа не е добар проект, изјави тој.
Лидерите на ЕУ ќе се состанат в четврток во Брисел на самит каде што ќе разговараат за мерките за зајакнување на економијата на ЕУ и нејзината подобра конкурентност во однос на САД и Кина на глобалната сцена.

Македонски



