Skip to main content
ПРОФ. Д-Р ДИМИТАР ТРАЈАНОВ, РАКОВОДИТЕЛ НА НАЦИОНАЛНИОТ ЦЕНТАР ЗА ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА „ВЕЗИЛКА“

Најголемиот успех на „Везилка“ би бил да ја задржи и поттикне младата генерација на талентирани инженери, истражувачи и иноватори да ја градат својата иднина во Македонија, наместо надвор од неа

Република / Проф. д-р Трајанов: „Везилка“ ќе создаде екосистем за кариера и иновација подржана од компании, истражувачки тимови и институции што отвораат работни места со висока додадена вредност

Да создадеме средина во која младите гледаат перспектива, стабилност и креативна слобода во сопствената земја. Тоа е суштината на нашата визија за „Везилка“, првиот Национален центар за вешташка интелигенција, ни изјави проф. д-р Димитар Трајанов, професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при УКИМ во Скопје.

Најголемиот успех на „Везилка“ би бил да ја задржи и поттикне младата генерација на талентирани инженери, истражувачи и иноватори да ја градат својата иднина во Македонија, наместо надвор од неа, вели проф. д-р Трајанов во интервју за „Република“.

Македонија го доби првиот Национален центар за вештачка интелигенција „Везилка“: Национална ВИ Фабрика и Антена“ (AI Antenna Factory), кој се реализира со поддршка на Министерството за дигитална трансформација и со финансиска помош од Европската Унија преку програмата Horizon Europe и иницијативата EuroHPС. Ова е капитален проект со историско и национално значење, нова страница во дигиталниот развој на Македонија во која Владата, универзитетите, индустријата, заеднички градат Национален систем за вештачка интелигенција. Носител на овој проект е Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ) при УКИМ во Скопје. За „Везилка“ зборувавме со професор д-р Трајанов, кој го води проектот.

Проф. д-р Трајанов за „Република“ објаснува која е најважната цел и што ќе значи овој Центар за Македонија, како може Центарот да придонесе да се зајакне и да се зачува македонскиот јазик и култура преку технологијата, дали „Везилка“ може да биде начин да се задржат младите стручни лица во земјата и дали може да очекуваме отворање на нови работни места, стартапи или подобрување на продуктивноста преку примена на ВИ. Во интервјуто тој објаснува како „Везилка“ ќе работи на повеќе полиња: јазик, култура, здравство, енергетика и земјоделие.

Професоре, Македонија го доби првиот Национален центар за вештачка интелигенција – Везилка. Како се роди идејата и што беше главниот мотив зад нејзиното созавање?

ТРАЈАНОВ: Идејата за „Везилка“ се роди како одговор на европскиот повик EuroHPC AI Factory Antennas, иницијатива поддржана од Европската Унија со цел поттикнување на истражување и иновации во областа на вештачката интелигенција (ВИ). Главниот мотив зад создавањето на Везилка е да се забрза развојот и примената на доверлива, етичка и одговорна вештачка интелигенција преку конкретни решенија со високо општествено и економско влијание.

Центарот е стратешки позициониран да го унапреди продорот на ВИ во клучните индустриски и јавни сектори во Македонија, да ја поттикне иновацијата и технолошката трансформација, како и да придонесе кон развој на високо квалификувана работна сила. Со тоа, Везилка претставува мост меѓу академијата, индустријата и јавниот сектор, создавајќи екосистем за одржлив развој на вештачката интелигенција во земјата, како и нејзина интеграција во европското дигитално опкружување.

Проф. д-р Трајанов: „Везилка“ е мост меѓу минатото и иднината, традицијата и технологијата, културата и интелигенцијата, тоа е симбол на нова дигитална ренесанса во Македонија /фото: Република

Името „Везилка“ има симболично значење, но е и културно препознатливо, па би сакале да ни објасните која е пораката која сакате да ја пренесете преку проектот?

ТРАЈАНОВ: Името „Везилка“ е внимателно избрано поради неговата симболика и културна препознатливост. Везот претставува уметност на поврзување – секоја нишка, со своја насока и боја, создава дел од поголема, хармонична целина. Токму тоа ја одразува суштината на нашиот проект.

„Везилка“ симболизира поврзување на луѓе и знаења како нишки што создаваат заедничка слика; создавање на нешто убаво и значајно од поединечни делови како што моделот во ВИ се гради од голем број на податоци; и пренесување на традицијата во иднината, спој на културното наследство и технолошката иновација. Со други зборови, „Везилка“ е мост меѓу минатото и иднината, традицијата и технологијата, културата и интелигенцијата, тоа е симбол на нова дигитална ренесанса во Македонија.

Која е најважната цел и што ќе значи овој центар за Македонија?

ТРАЈАНОВ: Најважната цел на „Везилка“ е да биде катализатор на иновацијата, да ја зголеми продуктивноста и да помогне во решавањето на клучните општествени и економски предизвици. Со воспоставувањето на овој центар, земјата добива стратешка позиција во европската мрежа на иновации, станувајќи директен канал за поврзување на домашните компании, стартапи и универзитети со европските суперкомпјутери, истражувачки инфраструктури и дигитални ресурси.

„Везилка“ претставува капитален проект за дигитална трансформација на Македонија. Таа ќе обезбеди современа инфраструктура, експертиза и платформа за меѓусекторска соработка, со што ќе се поттикне создавањето на иновативни решенија и работни места со висока додадена вредност. „Везилка“ очекуваме да стане централна координативна точка за сите активности поврзани со вештачката интелигенција во земјата, и со тоа да ја позиционира Македонија како конкурентна економија базирана на знаење која е активен учесник во европската дигитална иднина.

„Везилка“ претставува капитален проект за дигитална трансформација на Македонија / Фото: Република

На промоцијата беше кажано дека Центарот ќе работи на повеќе полиња: јазик, култура, здравство, енергетика, земјоделие. Може ли тоа да го објасните за јавноста?

ТРАЈАНОВ: „Везилка“ ќе развива специјализирани решенија базирани на вештачка интелигенција во пет клучни стратешки сектори, каде што влијанието на ВИ може да донесе големи општествени и економски придобивки.

• Здравство: Приоритет е развој на ВИ модели за поддршка на медицинската дијагностика и оптимизација на болничките процеси, користејќи анонимизирани податоци од системот „Мој термин“. На пример, интелигентен ВИ-помошник може да му понуди на докторот предлози за можни дијагнози, терапии и скрининг-програми, со што се забрзува процесот на одлучување и се подобрува квалитетот на здравствените услуги.

• Енергетика: Ќе се развиваат ВИ модели за зголемување на стабилноста на електроенергетската мрежа, особено со растечката интеграција на обновливи извори на енергија. Ваквите решенија ќе овозможат прецизно предвидување на производството од соларни и ветерни централи и интелигентно управување со потрошувачката, придонесувајќи кон енергетска ефикасност и сигурност.

• Култура и јазик: Фокусот е на систематско создавање на македонски јазични корпуси со цел развој на фундаментален Голем јазичен модел (LLM), прилагоден на нашиот јазик, култура и контекст. Со тоа се создава технолошка основа за зачувување и промоција на македонскиот јазик и културен идентитет во дигиталната ера.

• Јавна администрација: ВИ ќе се користи за автоматизација и унапредување на јавните услуги, преку интелигентни асистенти и алатки за анализа на јавните финансии и набавки. Целта е зголемена транспарентност, ефикасност и интегритет, со откривање на аномалии и потенцијални неправилности.

• Земјоделство: Фокусот е на развој на паметно земјоделство преку интеграција на податоци за климата, почвата и приносите. ВИ ќе овозможи навремени препораки за садење, наводнување и заштита од штетници, што ќе придонесе за зголемена продуктивност, отпорност и одржливост на земјоделските практики.

Со овие активности, Везилка ќе стане двигател на применетата вештачка интелигенција во земјата, создавајќи реални, опипливи придобивки за граѓаните, стопанството и јавниот сектор.

Што конкретно ќе се прави во рамки на „Везилка“ за македонскиот јазик? Како може Центарот да придонесе да се зајакне и да се зачува македонскиот јазик и култура преку технологијата?

ТРАЈАНОВ: Развојот на сопствени јазични технологии претставува стратешки приоритет, бидејќи зачувувањето и унапредувањето на македонскиот јазик и култура во дигиталната ера не е можно без силна технолошка основа. Везилка директно ќе го адресира „low-resource“ предизвикот, односно недостигот на висококвалитетни дигитални податоци за македонскиот јазик. Конкретните активности кои ги планираме се следниве:

• Систематско создавање на јазични корпуси: Ќе започнеме иницијатива за собирање, прочистување и стандардизација на корпуси за македонскиот јазик, во соработка со МАНУ, Факултетот за филологија „Блаже Конески“ при УКИМ и други релевантни институции. Целта е да се изгради сеопфатна база на текстови која ќе служи како темел за идни развој на јазичните модели.

• Развој на Голем јазичен модел (LLM) за македонскиот јазик: Ќе се создаде и обучи фундаментален македонски LLM, трениран на текстови кои ја одразуваат нашата традиција, историјата, нашето законодавство и карактеристиките на нашето општество. Овој модел ќе овозможи природна комуникација со технологијата на македонски јазик и ќе ја поттикне локалната дигитална независност.

Со ова, „Везилка“ ќе постави темели на дигитална архитектура за македонскиот јазик, обезбедувајќи долгорочно зачувување на националниот идентитет и дигиталниот суверенитет. Покрај тоа, развиените технологии за обработка на природни јазици (NLP) ќе се применат во сите области кои се во фокусот на „Везилка“ и со тоа ќе се овозможи тестирање и подобрување на направените јазични модели..

Со децении веќе говориме за одлив на човечкиот капитал од Македонија. Дали „Везилка“ може да биде начин да се задржат младите стручни лица, инженери, истражувачи во земјата?

ТРАЈАНОВ: Една од клучните цели на Везилка е и задржувањето на младите стручни лица, инженери и истражувачи во земјата преку создавање реални можности за развој, напредување и работа во современа и конкурентна средина. Проектот ја адресира суштината на проблемот со „одливот на мозоци“, а тоа е недостатокот на услови и инфраструктура што ги тера младите да ја бараат својата иднина во странство. „Везилка“ ќе го менува тоа со создавање национален екосистем за вештачка интелигенција кој обединува образование, истражување и индустрија во една заедничка визија. Ова ќе се реализира преку:

• Воведување на специјализирани модули за вештачка интелигенција во студиските програми на ФИНКИ и општи ВИ курсеви достапни за сите студенти на универзитетите, со цел младите да ги стекнат клучните дигитални и аналитички вештини.

• Организирање летни ВИ школи, хакатони и тематски работилници кои ќе бидат место и средство за поврзување на студентите со компании и истражувачки тимови, а со тоа овозможувајќи им на младите да работат на реални проекти и да ја видат својата иднина тука.

• Преку пристап до EuroHPC ресурсите, младите истражувачи и претприемачи ќе можат да развиваат напредни модели и решенија од светски ранг без да ја напуштат државата.

Со тоа, „Везилка“ не само што создава нови генерации на високообразувани ВИ експерти, туку и обезбедува услови тие да останат, да работат и да успеат во Македонија.

Дали очекувате отворање на нови работни места, стартапи или подобрување на продуктивноста преку примена на ВИ?

ТРАЈАНОВ: „Везилка“ ќе функционира како национален ВИ акцелератор за стартапи и мали и средни претпријатија. Преку техничка поддршка, пристап до компјутерски ресурси, менторство и експертиза, ќе се овозможи брза комерцијализација на иновативни ВИ решенија. Проектот има за цел да поддржи поголем број на deep-tech стартапи и да ко-развие повеќе Proof-of-Concept проекти, кои ќе послужат како пример за примена на ВИ во различни индустриски домени. Нашата визија е, по завршувањето на проектот, да постојат неколку стабилни ВИ компании кои ќе бидат подготвени самостојно да продолжат и да се натпреваруваат на европскиот пазар.

Примената на ВИ во јавниот сектор, индустријата и услугите ќе овозможи оптимизација на оперативните процеси, автоматизација на рутинските задачи и паметна анализа на податоци. Во јавната администрација, на пример, интелигентните системи ќе придонесат за брзина, транспарентност и подобра поддршка при донесување одлуки, со што очекуваме дека ќе се зголеми ефикасноста и квалитетот на услугите. Со тоа, Везилка не само што создава нови можности, туку гради и нова економска култура базирана на иновативна, дигитална и ориентирана кон знаење и креативност.

Приф. д-р Трајанов: „Везилка“ ќе функционира како национален ВИ акцелератор за стартапи и мали и средни претпријатија / фото: Република

Ако може да ја замислите Македонија за пет или 10 години од сега, како би изгледал успехот на „Везилка“? Што би сакале да постигнете?

ТРАЈАНОВ: За 10 години би сакале да имаме и зрел и динамичен националниот ВИ екосистем во кој академијата, индустријата, стартапите и институциите соработуваат природно, и секако да имаме компании што изведуваат ВИ иновации со глобална видливост.

Најголемиот успех на „Везилка“ би бил да ја задржи и поттикне младата генерација на талентирани инженери, истражувачи и иноватори да ја градат својата иднина во Македонија, наместо надвор од неа. Тоа е суштината на нашата визија, да создадеме средина во која младите гледаат перспектива, стабилност и креативна слобода во сопствената земја.

Каква порака би им испратиле на младите кои денес размислуваат да се насочат кон ВИ и технологија?

ТРАЈАНОВ: На младите кои денес размислуваат да ја изберат вештачката интелигенција и технологијата како своја професионална насока, би им порачал дека токму сега се отвораат историски можности. ВИ е глобален приоритет и иднината припаѓа на оние што ќе ги разберат и обликуваат овие технологии.

„Везилка“ ќе создаде екосистем за кариера и иновација подржана од компании, истражувачки тимови и институции што отвораат работни места со висока додадена вредност и ја поттикнуваат комерцијализацијата на иновативни решенија.

Мојата порака финална порака е: Вие сте генерацијата што ја гради интелигентната дигитална иднина на Македонија. Вештачката интелигенција не е закана, туку алатка за општествен напредок. Искористете ја оваа можност за да учите, да создавате и да бидете активни и одговорни учесници во трансформацијата на нашето општество.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Република

Поврзани вести